Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) поведе постапка против 10 осигурителни компании заради основано сомнение дека се здружиле во картал којшто е директно на штета на граѓаните и стопанството.

 – Десетте осигурителни компании кои вршат услуги од областа на осигурувањето на територијата на Македонија, во месец април 2024 година, преку усогласено однесување ја замениле состојбата на непречена конкуренција на релевантниот пазар со состојба на практична соработка помеѓу претпријатијата, чија цел е нарушување на конкуренцијата, преку зголемување на продажната цена на премијата/процентот за вршење на дејноста на осигурување (режиски додаток), што е дел од премијата за осигурување на сопствениците на моторни возила од одговорност за штети предизвикани на трети лица и задолжително се плаќа при регистрацијата на моторни возила – информираа од КЗК.

Заради целосно документирање на случајот и покренување на прекршочна постапка, КЗК извршила увиди во службените простории на осигурителните компании, вклучително и увиди во нивната меѓусебна комуникација при што се пронајдени докази дека одлуката за зголемување на цените на премијата за автоодговорност е донесена како резултат на усогласено однесување – картал.

Доколку по завршување на прекршочната постапка се потврди постоењето на прекршок, против десетте осигурителните компании ќе бидат изречени казни заради сторениот прекршок.

За новиот случај на карталско здружување (неодамна КЗК потврди дека во картал се здружиле четири ланци на големи маркети и ги договарале цените на производите), коментираше и премиерот Христијан Мицкоски, кој бил информиран од страна на директорката на Комисијата.

– Некои информации за мене се навистина непријатно изненадувачки – рече Мицкоски.

ИЗДВОЕНИ