Општина Карпош како единствена локална самоуправа од Скопје заедно со општините Куманово и Кочани, официјално го отпочна проектот „Интегрирани услуги за енергетски ефикасно реновирање домови“, којшто е финансиран од Европската Унија. Станува збор за проект кошто е составен и од македонски конзорциум, а истиот има за цел да создаде основа за долгорочни партнерства помеѓу различни субјекти, поттикнувајќи го развојот на иновативни решенија за зголемување на енергетската ефикасност и обновување на станбениот фонд на локално и национално ниво.
– Општина Карпош работи на вакви проекти уште од 2009 година и морам да кажам дека искуството кое го стекнавме со Хабитат беше навистина драгоцено и корисно. Тоа значи дека имаме повеќегодишно партнерство меѓу граѓаните, Хабитат како невладина организација, тука учествуваа и банките и секако ние, Општина Карпош. Досега на ваков или сличен начин, локалната самоуправа има реконструирано 60 енергетски ефикасни фасади, на станбените згради на своја територија. Во таа насока се надевам дека ќе ја унапредиме нашата соработка во корист на карпошани и на целата локална заедница – посочува градоначaлникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски.
Невладините организации ОСС Хабитат и Креација се задолжени за интеграција на овој проект, кој треба да придонесе кон зголемување на бројот на реновирани станбени објекти преку развој на интегрирани услуги за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија. Поточно, се работи за информации, техничка поддршка, развој и примена на прилагодени финансиски модели, како и за заеми и субвенции за таа намена.
Проектот ОСС Хабитат создава основа за долгорочни партнерства меѓу различни субјекти, поттикнувајќи развој на иновативни решенија за зголемување на енергетската ефикасност и обновување на станбениот фонд во Македонија. Конечно, целта е да се реновираат повеќе од 200 станбени единици, постигнувајќи заштеди на енергија од околу 40% и намалување на факторот на ЦО2 емисии на електрична енергија за повеќе од 3.584 тони годишно.