Карневалска дипломатија на големите геостратези – кој ќе биде крал на маските?!

По студениот пречек во жешка атмосфера во Белата куќа, во петокот, украинскиот претседател, Володимир Зеленски, во Лондон наиде на топла прегратка од своите европски сојузници, кои се собраа викендов за да разговараат за ситуацијата во Украина и за безбедносните прашања. Според информациите од странските медиуми, овој состанок се одржува под палката на Велика Британија и на Франција, а планот е посредници меѓу Киев и Вашингтон да бидат Лондон и Париз и откако ќе се формулира мировниот план за Украина, тие да му го пренесат на американскиот претседател, Доналд Трамп, по дебаклот меѓу Трамп и Зеленски во Овалната соба во Белата куќа, во петокот. Велика Британија и Украина постигнаа и договор за заем од 2,26 милијарди фунти за поддршка на одбранбените капацитети на Украина

256

По студениот пречек во жешка атмосфера во Белата куќа, во петокот, украинскиот претседател, Володимир Зеленски, во Лондон наиде на топла прегратка од своите европски сојузници, кои се собраа викендов за да разговараат за ситуацијата во Украина и за безбедносните прашања. Според информациите од странските медиуми, овој состанок се одржува под палката на Велика Британија и на Франција, а планот е посредници меѓу Киев и Вашингтон да бидат Лондон и Париз и откако ќе се формулира мировниот план за Украина, тие да му го пренесат на американскиот претседател, Доналд Трамп, по дебаклот меѓу Трамп и Зеленски во Овалната соба во Белата куќа. Кабинетот на британскиот премиер, Кир Стармер, соопшти дека тој „ќе го искористи самитот за да ја засили европската акција против Украина и за да сигнализира колективна и непоколеблива поддршка за праведен и траен мир и за одржлив договор“.

Стармер вчера, во Лондон, му беше домаќин на украинскиот претседател, Володимир Зеленски, и на 15-ина други европски лидери за да разговараат за безбедносните гаранции што може да му ги понуди европскиот континент на Киев.

Беше најавено дека на овој собир, Стармер и францускиот претседател, Емануел Макрон, ќе ги информираат своите европски партнери за разговорите што ги имаа во Вашингтон со американскиот претседател, Доналд Трамп, во кои тие се обидоа да го убедат да ѝ се посвети на американската воена „поддршка“ во случај Москва да го прекрши потенцијалниот мировен договор во иднина.

Зеленски отпатува во Велика Британија, по судирот со претседателот Трамп на состанокот во Овалната соба, по што европските лидери изразија поддршка за Украина. Зеленски рече дека во саботата, во Лондон, имал „суштинска и топла“ средба со британскиот премиер.

На вчерашниот самит во Лондон, како што соопштија од Кабинетот на Стармер, британскиот премиер ги поканил лидерите на Германија, Данска, Италија, Холандија, Норвешка, Полска, Шпанија, Турција, Финска, Шведска, Чешка и на Романија. Како што пренесе „Скај њуз“, повикувајќи се на дипломатски извор, балтичките земји не биле поканети на самитот во Лондон, поради што изразиле големо незадоволство. Се очекуваше на состанокот да присуствува и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, како и претседателите на Европската комисија и на Европскиот совет, Урсула фон дер Лајен и Антонио Коста. Тема на самитот беше поддршката за Украина, вклучително и планот за формирање меѓународна „безбедносна“ сила што би можела да биде распоредена во земјата за да помогне да се обезбеди прекин на огнот доколку успеат САД да преговараат за договор за прекин на огнот меѓу Киев и Москва.

Велика Британија, Франција и Украина работат на план за прекин на огнот

Непосредно пред состанокот на дел од европските лидери, кои бараат одговор по скандалозниот состанок во Белата куќа, во петокот, меѓу Доналд Трамп и Володимир Зеленски, британскиот премиер, Кир Стармер, изјави дека Велика Британија и Франција ќе работат на свој мировен план за Украина. Во изјава за Би-би-си, Стармер рече дека тој и францускиот претседател, Емануел Макрон, се согласиле да започнат преговори одделно од оние меѓу САД и Русија, по серијата интензивни разговори.

– Сега се договоривме дека Обединетото Кралство, заедно со Франција и, можеби, со уште една или две други (земји), ќе соработува со Украина на план за запирање на борбите, а потоа ќе разговараме за тој план со Соединетите Држави. Велика Британија и Франција се најнапред во размислувањето за ова и затоа претседателот Макрон и јас ќе работиме на овој план, за кој потоа ќе разговараме со САД – вели британскиот премиер за националниот сервис.

Европските лидери во одбрана на Зеленски

Зачудени од расправијата во Овалната соба, повеќето европски лидери излегоа во одбрана на украинскиот претседател. Европските сојузници на Украина, вчера, се собраа во Лондон, го поддржаа украинскиот претседател, Володимир Зеленски, по неговата „неславна“ средба во Белата куќа со американскиот претседател, Доналд Трамп, пренесува „Фена“, повикувајќи се на АФП. Зачудени од расправијата во Овалната соба, во која Зеленски ја напушти Белата куќа без да го потпише очекуваниот договор за минерали, повеќето европски лидери излегоа во одбрана на украинскиот претседател. Британскиот премиер, Кир Стармер, кој штотуку се врати во Лондон по посетата на Белата куќа, рече дека разговарал со Трамп и со Зеленски по конфликтот и ветил „непоколеблива поддршка“ за Киев.

Во меѓувреме, Велика Британија и Украина постигнаа договор за заем од 2,26 милијарди фунти (околу 2,73 милијарди евра) за поддршка на одбранбените капацитети на Украина.

Стармер имал интензивен дипломатски ангажман по состанокот на Зеленски во Вашингтон, во текот на кој украинскиот претседател беше осудуван во живо, пред камерите, од Трамп и од неговиот потпретседател, Џеј-Ди Венс.

Еден ден по посетата на украинскиот лидер на Вашингтон и неговата средба со Доналд Трамп во Белата куќа, премиерот на Велика Британија, во саботата, со топла прегратка го пречена Зеленски во Даунинг стрит, искажувајќи голема солидарност со Украина. Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, соопшти дека имал „важен и срдечен“ разговор со британскиот премиер, Кир Стармер, со кого разговарал за зајакнување на позициите на Украина и за добивање сигурни безбедносни гаранции.

– Во текот на разговорите, ги разгледавме предизвиците што стојат пред Украина и пред цела Европа, координацијата со нашите партнери, конкретните чекори за зајакнување на позициите на Украина и завршувањето на војната на праведен начин, со сигурни безбедносни гаранции – напиша Зеленски на апликацијата „Телеграм“.

Беше најавено дека украинскиот претседател, во Лондон, ќе се сретне со британскиот крал Чарлс Трети и дека потоа ќе им се придружи на европските сојузници на самитот за безбедност.

Британскиот премиер, Кир Стармер, во разговор за Би-би-си наведе три клучни услови кои, според неговото мислење, се нужни за постигнување траен мир во Украина: силна Украина што ќе може да се бори ако е потребно, како и добра преговарачка позиција на Киев, сигурносна гаранција од европските земји и поддршка од САД.

– Може да се постигне мир само ако се исполнети сите три услови – рече Стармер.

Полскиот премиер, Доналд Туск, пак, пред да замине на состанокот на европските лидери во Лондон, изјави дека Европа се разбудила и дека полека сфаќа колкав парадокс е тоа што 500 милиони Европејци молат 300 милиони Американци да ги одбранат од само 140 милиони Руси, а чешкиот премиер, Петр Фијала, ги повика европските сојузници да ги зголемат воената поддршка за Украина и сопствените трошоци за одбрана од најмалку три отсто од БДП.

Германскиот претседател, Франк-Валтер Штајнмаер, во изјава за агенцијата ДПА, ги избегна вообичаените дипломатски фрази и многу директно рече: „Никогаш немаше да верувам дека некогаш ќе треба да ја браниме Украина од САД“.

Макрон: Ако не биде запрен, Путин со сигурност ќе се насочи кон Молдавија, а, можеби, и кон Романија

Во интервју за неделникот „Трибјун диманш“, францускиот претседател, Емануел Макрон, ја опиша размената на остри зборови меѓу претседателите на САД и на Украина, Доналд Трамп и Володимир Зеленски, во петокот, во Белата куќа, како „прес-конференција што заврши лошо“ и ги повика двајцата да покажат заемна почит. Сепак, францускиот претседател рече дека не верува дека овој вербален конфликт е знак дека е прекината соработката, пишува францускиот неделник, пренесува „Танјуг“.

Макрон предупреди дека ако не биде запрен, „Путин со сигурност ќе се насочи кон Молдавија, а, можеби, и кон Романија“.

Француските медиуми јавуваат дека Макрон презел нова задача да ги смири односите меѓу САД и Украина.

Песков: Поради обновените односи меѓу САД и Русија, ЕУ може да го промени својот став кон Вашингтон

Од Москва, пак, пристигна ставот дека поради обновените односи меѓу САД и Русија, ЕУ може да го промени својот став кон Вашингтон.

– Имајќи предвид дека е воспоставена нова динамика во руско-американските односи, можно е Европската Унија да го промени ставот кон Вашингтон.

Како дополнително ќе се трансформира позицијата на политичарите во Европа, со оглед на оваа ненадејна промена во динамиката на руско-американските односи, ќе видиме, ќе покаже времето – рече портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, во интервју за ТВ-каналот „Русија-1“, пренесуваат руските медиуми.

Портпаролот на Кремљ нагласи дека новата Влада во САД ги менува политичките конфигурации во светот и дека заедничкото гласање меѓу Вашингтон и Москва во ОН, што беше незамисливо до неодамна, сега станало реалност, пренесува „Танјуг“.

– Русија и САД се обидуваат да ги подобрат односите, но поради постапките на претходната администрација во Вашингтон, патот ќе биде долг – рече портпаролот на Кремљ, додавајќи дека е можно да се забрза овој процес кога ќе има политичка волја од претседателите на двете земји.

Стармер го советувал Зеленски да ги поправи односите со Трамп

Британскиот премиер, Кир Стармер, го советувал украинскиот претседател, Володимир Зеленски, да се врати во Вашингтон и да ги поправи односите со претседателот на САД, Доналд Трамп, по вербалниот судир на двајцата претседатели, кој се случи во петокот, пред ТВ-камерите во Овалната соба во Белата куќа, пренесоа британските медиуми.

Во текот на жестоката расправија, Трамп го обвини Зеленски дека се „коцка со трета светска војна и дека не ја почитува Америка“, а украинската делегација потоа ја напушти Белата куќа. Подоцна тој ден, Стармер телефонски го повикал Зеленски и се обидел да го убеди да се врати во Вашингтон, по што, како што пренесе лондонски „Телграф“, го повикал и Трамп во обид да ги намали тензиите.

„Гардијан“ пишува дека американските власти однапред ја информирале украинската страна дека Трамп сака да потпише економски договор, а безбедносните гаранции да бидат разгледани подоцна и го предупредиле Зеленски да го пофали Трамп и да не зборува за гаранции, но украинскиот претседател не ги послушал.

Вчерашната средба во Лондон е трет европски самит посветен на Украина и на безбедноста во изминативе две недели, по оној на 17 февруари, во Париз, чиј домаќин беше францускиот претседател, Макрон, и онлајн лидерскиот состанок одржан неколку дена подоцна. Украина беше тема и на меѓународниот самит за поддршка на Украина во Киев, на 24 февруари, на кој учествуваа и Кошта, Фон дер Лајен, неколкумина европски лидери и канадскиот премиер, Џастин Трудо. Средбата во Лондон доаѓа пред специјалниот самит на ЕУ, закажан за в четврток, на кој, исто така, главни теми ќе бидат Украина и одбраната на Европа. Со сите овие состаноци, европските лидери сакаат да ја покажат својата непоколеблива поддршка за Украина и за украинскиот народ и осуда за руската агресија врз оваа земја. Во исто време, во повеќе градови во САД се одржаа протести против администрацијата на Трамп. (В.С.Н.)

ИЗДВОЕНИ