Најдобриот светски шахист, Норвежанецот Магнус Карлсен, ги понуди своите фармерки на продажба за добротворни цели, облеката поради која беше дисквалификуван од минатогодишното Светско првенство.
Карлсен беше дисквалификуван од Светското првенство во брз шах во Њујорк, кон крајот на декември, поради прекршување на правилата за кодекс на облекување на натпреварувањето.
Тој се појавил во фармерки и поради тоа беше казнет со 200 долари, а откако бил замолен да се пресоблече, што тој го одбил, бил исфрлен од натпреварот.
Фановите на шахот целата афера ја нарекоа „JeansGate“, а сега имаат можност да купат пар фармерки со големина 32, од италијанскиот бренд Cornelliani онлајн на eBay. Како што е наведено во описот, фармерките се „малку користени, но во добра состојба“. Аукцијата ќе трае до 1 март, а последната понуда беше 8.100 долари.
Средствата ќе бидат проследени до националната добротворна организација за младинско менторство „Големите браќа, големите сестри на Америка“, која ја извршува својата мисија преку поглавја во сите 50 држави и 12 земји.
Како што е наведено, средствата ќе бидат искористени за „менторирање на младите во шаховските клиники, настани во заедницата и пошироко, за градење врска, припадност и збогатување на животите на младите преку играта“.