Она што беа Чави и Иниеста во фудбалот, тоа своевремено беа Стоктон и Мелоун во НБА-лигата. Едноставно, совршено се надополнуваа еден со друг, функционираа совршено на теренот.
Џон Стоктон и Карл Мелоун играа 19 сезони во НБА, од кои 18 заедно во Јута џез. Тие го усовршија играњето два на два, односно пикендрол играта. Двапати стигнаа со тимот од Солт Лејк Сити до големото финале во НБА-лигата, каде што ги спречуваше најдобриот – Мајкл Џордан. Тие двајца, Реџи Милер, Патрик Јуинг и Чарлс Баркли се на листата со кошаркарски великани што никогаш не го освоиле шампионскиот прстен поради Чикаго булс.
Стоктон и Мелоун ги имаа сите предиспозиции за највисоки дострели. Тие практично поединечно освоија сè што можеа. Стоктон ја заврши кариерата како убедливо најдобар асистент во лигата, како и со најмногу украдени топки во историјата, а Мелоун како втор најдобар стрелец на сите времиња и два пати МВП-играч. Бидејќи испорачуваше поени во толку голем број, го доби прекарот Поштар.
Стоктон десет пати играше на Ол-стар натпреварот, еднаш беше МВП, а двапати беше дел од првата петорка на НБА-лигата.
Мелоун дури 14 пати учествуваше на ол-стар натпреварите, а двапати беше МВП. Покрај тоа, 11 пати беше во првиот тим на НБА-лигата.
Двајцата беа членови на оригиналниот дрим тим од Барселона во 1992 година, а во Атланта, четири години подоцна, играа и против Југославија. Двајцата влегоа во Куќата на славните на кошарката.
Нивното совршено надополнување на теренот беше вистинско чудо бидејќи надвор од него беа сосема различни.
Стоктон беше мал, жилав белец, кој го користеше својот мозок пред сè друго. Мелоун, пак, беше човек планина, со црна кожа, кому во прв план му беше силата.
Стоктон своевремено се ожени со Нада Степовиќ, додека Мелоун за влакно избегна затворска ќелија.
Додека бил дел од колеџот на Луизијана, Мелоун станал татко во врската со 13-годишно девојче. Се знаеше што ќе следува за врската со малолетничка. Сепак, се извлече поради нејзините родители, кои проценија дека полесно ќе дојдат до пари ако заработува од кошарката отколку да скапува во затвор.
Родителите бараа 200 долари месечно за издршка, но Мелоун го негираше татковството. Не е ни чудо ако се земе предвид дека имал нелегален секс со малолетничка. Судот го прогласи за татко и му нареди да плаќа 125 долари месечно, плус медицински трошоци. Мелоун мислеше дека е премногу тоа, па се влечеше случајот по судовите уште три години. Јавноста дозна за случајот во 1986 година, кога имаше Мелоун 23 години и заработи околу три милиони долари во кариерата. Случајот се реши со спогодба.
Дури во 1996 година се согласил на ДНК-тест, кој потврди дека тој навистина е таткото. Ова дете, Деметрис Бел, подоцна порасна и стана НФЛ-играч.
Тоа не беше неговата единствена „љубовна“ екскурзија. Мелоун на само 16 години доби близнаци со своја врсничка, а децата ги призна дури во 1998 година, односно 19 години подоцна. Женската половина од близнаците е славната Шерил Форд, одлична кошаркарка, која три пати ја освои женската НБА-лига и четири пати учествуваше на ол-стар натпреварите.
Со Деметрис, врската му беше многу посложена, бидејќи тој беше дете на нешто незаконско, и беше свесен за тоа. Кога, конечно, се сретнале, му рекол: „Доцна е да бидам твој татко. Ќе мора да се снајдеш сам“. Бел подоцна изјави дека животот без татко го разбира како мајка му да била во банка за сперма и дека таквото растење го направило подобар човек.
Но, вонбрачните деца не се единствените што ги има кошаркарот. Во бракот со поранешната мис Ајдаха има четири деца.