Тимот Шек го освои НБА ол-старот одигран во нов формат на мини турнир со четири екипи, со три натпревари – две полуфиналиња и едно финале. Во финалето, тој го совлада тимот Чак со 41:25. Во форматот „прв до 40“, тимот составен од американски играчи и предводен од Шекил О’Нил се снајде подобро против странските ѕвезди предводени од Чарлс Баркли.

Ол-стар натпреварот, вообичаено, беше меѓу најдобрите играчи од Источната и од Западната конференција, но оваа сезона форматот беше променет. Од секоја конференција влегоа по осуммина играчи, по што легендите на НБА и денешни стручни коментатори, Шекил О’Нил, Чарлс Баркли и Кени Смит, ги избраа своите тимови. Поранешната американска кошаркарка, Кендис Паркер, имаше тим од нови ѕвезди.

Прво, избраниците на Чарлс Баркли го совладаа тимот на Кени Смит со 41:32, додека тимот на Шекил О’Нил ги надигра избраниците на Кендис Паркер со 42:35. Во финалето, избраниците на Шек победија со 41:25 против Баркли. Леброн Џејмс (40) предизвика шок кај НБА и кај нејзините обожаватели. Еден од најголемите кошаркари во историјата, на само еден час пред почетокот на турнирот, објави дека нема да игра, со што го пропушти ол-стар натпреварот за првпат по 20 години.

Инаку, МВП-наградата замина во рацете на Стеф Кари, кој постигна 12 поени.

Секој играч од тимот на Шек заработи по 125.000 долари за победата, играчите од тимот на Баркли добија по 50.000 долари, додека играчите што беа елиминирани во полуфиналето добија по 25.000 долари.

ИЗДВОЕНИ