Кардиналите во Ватикан одлучија: Изборот на нов папа почнува на 7 мај

40

Римокатоличките кардинали ќе се состанат на 7 мај на тајна конклава за да изберат нов поглавар на Римокатоличката црква, изјави денес извор од Ватикан, пренесува Ројтерс.

Датумот беше одреден на состанок зад затворени врати на кардиналите во Ватикан, прв по погребот на папата Франциск во саботата.

Околу 135 кардинали, сите под 80 години и од целиот свет, имаат право да учествуваат на конклавата и да одлучат кој треба да биде следниот водач на Црквата со 1,4 милијарди членови.

Претходните две конклави, во 2005 и 2013 година, траеја само два дена.

Сепак, шведскиот кардинал Андерс Арборелиус во понеделник изјави дека очекува оваа конклава да трае подолго, бидејќи многу од кардиналите назначени од папата Франциск никогаш претходно не се сретнале.

Франциск им дал приоритет на назначувањето кардинали од места каде што никогаш немало кардинали, како што се Мјанмар, Хаити и Руанда.

„Не се познаваме“, рече Арборелиус, еден од околу 135 кардинали под 80 години кои ќе влезат на конклавата.

Франциск, папа од 2013 година, почина на 21 април на 88-годишна возраст. Неговиот погреб во саботата и поворката низ Рим до неговото погребно место во базиликата Санта Марија Маџоре привлекоа повеќе од 400.000 луѓе, потсетува Ројтерс.

ИЗДВОЕНИ