На почетокот на шеесеттите години на минатиот век, уметноста на каратето во Европа се практикуваше во рамките на џудо клубовите. Првите чекори ги направија јапонски инструктори кои дојдоа  во Европа под покровителство на Јапонската карате асоцијација.

Филмовите за боречки вештини од 1960-тите и 1970-тите, особено големата популарност на Брус Ли,  служеа за значително зголемување на популарноста на боречките вештини ширум светот, па и во Македонија.

Овој вовед ни послужи да дојдеме до главната причина, зошто се решивме овој пат да пишуваме за каратето, особено за неговиот развој во Македонија. Наш соговорник е Ристо Котев, магистер по економија, експерт и сопственик на фирмата за ревизија „Котев“ од Гевгелија,  носител на мајсторски карате појас, седми дан, а денес Претседател на Собранието на карате ветераните на Македонија. Тој е вистинскиот човек кој ќе ни објасни многу работи за развојот на карате спортот во Македонија, неговиот развој како каратист, тренер и карате судија, а особено интересно ќе биде да чуеме од „прва рака“ како се случи  карате спортот, за прв пат,  веднаш по Скопје, да „фати корен“ во градот на југот од Македонија, Гевгелија.

Како за почеток, од кога тренирате карате, зошто токму карате, ваши допирни точки со други спортови?

Спортот отсекогаш ме опкружувал. Имаме спортисти во семејството кои се бавеле со фудбал, падобранство, ракомет. Татко ми како спортски работник има добиено Орден за заслуги за народ со сребрена ѕвезда. Така јас почнав со карате, а сега како член на АК 7 Ноември Гевгелија учествувам и на трки од 5.000 метри.

Но, рековме да зборуваме за каратето. Можеби избрав боречки спорт инспириран од Мухамед Али (Касиус Клеј) од кого бевме фасцинирани како деца по победите над Сони Листон во 1964 и 1965 година, мечеви познати како Клеј-Листон, па во Дојран кога како деца боксиравме победникот секогаш беше Клеј. Така покрај фудбалот, кошарката, одбојката или ракометот, јас избрав нешто ново, го избрав каратето.

Инаку, јас карате почнав да тренирам во петто одделение, на единаесетгодишна возраст, во далечната 1969 година во ДТВ Партизан Гевгелија, две години после доаѓањето на каратето во Македонија. Се сеќавам почнавме заедно со Живко Аврамов. Тогаш броевме триесетина деца. Покрај тренерите Марјан, кој подоцна стана државен првак во борби, Ѓоко и Данчо, тука ги затекнавме и Бонџи и Јанко, како постари членови. Подоцна салата се полнеше, па на тренинг се собиравме можеби и стотина. Еден период, како тренер заедно со Борче Алексовски, во 90-тите години кога држевме тренинзи во „Крсте Мисирков“, „Владо Кантарџиев“, Моин и Негорци имавме преку 150 ученици.

Малку е познато дека во Македонија каратето прво започна да се вежба во Скопје и во Гевгелија, во 1967 година, речиси истовремено. Како се случи тоа?

Почетоците на карате спортот во Мaкедонија беа во далечната 1967 година, кога Атанас Кајчевски и Сејдо Теофиловски, после присуството на конференција во Белград, во рамките на џудо сојузот на тогашната СОФК-а, се среќаваат, за прв пат со карате вештината и ја пренесуваат во Македонија. На 2 септември 1967 година, тие го одржуваат својот прв час во салата на „Партизан 3″ во Скопје. На првиот час присуствувале точно 117. каратисти. Нивни први ученици се: проф. Венцислав Недев, д-р Александар Караѓозов, Драган Савиќ-Џоле, Димче Кичевски, Димче Јанковски, Ѓорѓи Поп Николов-Чебаско, Драган Стојановски, Владимир Бошков, Исмет Мехмети и други.

Независно од нив, во исто време Марјан Свиличиќ во Панчево тренира карате и истата 1967 година го пренесува во Гевгелија. Во гевгелиската сала на ДТВ Партизан, заедно со група ентузијасти, средношколци, Данчо Дојранлиев, Ѓорге Зајков, Венци Стоев, Коце, џудистот Тони Попов и други почнаа првите тренинзи и се формираше карате секција. Тука не смее, а да не се спомне, огромната поддршка од тогашниот учител во ДТВ Партизан, Ташко Стојанов, кој долги години, дури не се организиравме како Карате клуб „Гевгелија“, организациски ги помагаше активностите на карате секцијата со организирање настапи во Гевгелија и организирање патувања на турнири низ Македонија.

Ако првиот карате тренинг беше во Скопје, мора да напомниме дека првата карате демонстрација на отворено, пред огромен број на гледачи, ја изведоа гевгелиските каратистите на градскиот стадион во Гевгелија, во пролетта 1968 година.

Како се развиваше Котев како каратист и каратето во Гевгелија, и може ли да ни кажете колку млади поминале низ гевгелиските карате клубови?

Па можеби за 70-тите години полесно е да кажам колку души не биле бар на десетина тренинзи, затоа ми е незгодно кога спомнувам имиња, бидејќи секако некој кој треба да е спомнат ќе го и спуштам. Потоа кога функционираа два клуба во КК „Вардар“, редовно имавме над стотина членови, а и КК  „Гевгелија“ тренираа во полна сала во ДТВ Партизан. Според мене сигурно над илјада младинци/ки од Гевгелија облекле кимоно.

Јас првиот натпревар го имав со учество на турнир, клупско првенство на КК „Кавадарци“, во 1971 година. Потоа се редеа други натпревари, турнири, клупски натпревари, републички првенства, па и меѓународни турнири и слично. Како средношколец бев член на натпреварувачката екипа на КК „Гевгелија“ која се натпреваруваше во Македонската карате лига.  Екипата на КК „Гевгелија“ тогаш ја сочинувавме Марјан Свиличиќ, Ѓорѓи Трајковски, Никола Ќуркчиев, Перо Мојсов, Живко Аврамов, јас Ристо Котев, Ристо Брзанов и уште неколку други кои не беа постојани членови на тимот.

Тренирањето после гимназијата го продолжив како студент во Скопје. Најпрво тренирав во ДТВ Партизан на каналот, кај Владо Бошков и се сеќавам дека тренинзи водеше Крцко. Таму отидов со син појас, што за тоа време, 1977/78 година, беше висок степен, ми се чини тоа време се броеја на прсти црните појаси низ Македонија. Потоа продолжив со тренинзи во училиштето „Кочо Рацин“ кај Димче Кичевски.

Во втората половина на седумдесеттите години, покрај тренинзите во Гевгелија, редовно одевме на карате семинари во Охрид, каде како тренер нè водеше Ѓорѓи Трајковски. Семинарите ги организираше Карате сојузот на Македонија.

Последен настап и во кати и во борби имав на турнир во Москва 1995 година.

Имате и своја плодна тренерска кариера?

Во Охрид, во 1977 година се стекнав и со првата тренерска потврда, бидејќи освен натпреварувачкиот дел на семинарот се организираше и тренерски семинар за оние кои се гледаа себе не само како натпреварувачи туку и како идни тренери. Тренинзите ги држеа првите македонски карате мајстори и основоположници на каратето во Македонија.

По враќањето во Гевгелија, во почетокот на осумдесеттите години, со Ѓорѓи Трајковски и Никола Ќуркчиев во 1983 година го формиравме Карате клубот „Вардар“ Гевгелија. По отслужувањето на воениот рок се вратив како тренер во матичниот клуб „Гевгелија“. Прво тренинзите ги држев сам, но набрзо ми се приклучи Борче Алексовски. Екипно бевме државни прваци во кати за кадети, а на списокот на кандидати за кадетска репрезентација се најдоа Тане Прошевски и Еџевит Зиза. Кумите екипата во втора лига ја сочинуваа Илија Шалев, Еџевит Зиза, Тане Прошевски, Перо Гунтаров, Димче Ивановски, Панче, Горан Илиевски, Ристо Аврамов.

Тренерскиот тим во КК „Гевгелија“ се зголеми, но поради концепциски разлики помеѓу тренерите, со Борче Алексовски решивме да го реактивираме Карате клубот „Вардар“ Гевгелија. Во 1992 година се приклучивме кон Шотокан карате сојузот на Македонија кој го водеше Славе Пашоски, во кој членувавме околу 40-тина клуба од Македонија. Благодарение на ШКСМ и пред се на Славе Пашоски трениравме со Таиџи Казе во Охрид, на чии семинари сум бил и во организација на КСМ во Скопје, како и со Масару Миура во Негорски бањи, Рикута Кога во Негорски бањи, Садашиге Като во Охрид и Доналд Тики Донован во Дојран и Охрид. Кога сме кај семинарите да спомнам дека бев и на семинар на Хироши Шираи во Белград во организација на браќата Јорга.

Бевме и домаќини на државно првенство за кадети во 1997 година. Со натпреварувачи од КК „Вардар“ Гевгелија учествувавме и на турнири во странство, како Србија, Словенија, Словачка, Романија и Русија каде бев во состав на Шотокан карате репрезентацијата на Македонија.

Да спомнам дека 1999 година на Банзај купот во Арад, Романија, со КК „Вардар“ освоивме 11 медали, од кои најголем број освоија учениците од секцијата во Негорци. Како клуб бевме трето пласирани во конкуренција на клубови од десетина земји меѓу кои Македонија, Романија, Србија и други.

Во рамките на ШКСМ бев судија така да многу често бев врховен судија на турнирите и отворените првенства. Кога сум кај судењето да спомнам и тоа дека сум бил член на Судиската комисија на КСМ.

Каде сте сега во каратето?

Сега сум Претседател на Собранието на карате ветераните на Македонија, каде Претседател на Унијата на карате ветерани на Македонија е професор д-р Чедомир Саздовски, карате мајстор со црн појас деветти дан. Организираме средби на карате ветерани, прекрасно е кога некогаш лутите ривали на борилиште сега се дружат, прегрнуваат и евоцираат спомени.

Пред некој ден, на 6, 7 и 8 декември, 2024 година слична активност, во склоп на одбележувањето на 50 години карате во Крива Паланка, организиравме со браќата Марко и Ѓорѓе Ницовиќ. Во рамките на таа прослава одржавме тромеч во кати, мешан состав мажи и жени, помеѓу карате ветераните од Македонија, Србија и Бугарија.

Во план ни е одржување на Првото државно првенство за ветерани/ки во кати индивидуално, а редовното Собрание на унијата на карате ветераните на Македонија го планираме за пролет 2025 година. На претходното Собрание, одржано во јуни во Прилеп и на средбата на карате ветераните од Гевгелија исто во јуни во Гевгелија, доделивме признанија за десетина карате ветерани од Гевгелија, а во некоја наредна пригода ќе бидат доделени и на други ветерани.

И, за крај, дали каратето е спорт, вештина или филозофија?

Брзиот начин на живеење, глобализацијата, трката по успеси, желбата за атрактивност, комплетно го променија човечкиот живот и перцепцијата за тоа „што е што“. Сè помалку простор има за благородноста воопшто, па така и во спортот. Така и во каратето, ако зборуваме за олимпизмот треба да се третира како спорт. Со тоа ја губи изворната суштина како вештина и филозофија на живеење, бидејќи се бараат брзи резултати. Воведоа некои седум или повеќе ипони во натпреварите во борби, како да можеш човек сто пати да го убиеш. Борбите порано завршуваа со ипон, или два вазари, сега трчај и тепај, ако ти земе ипон, ќе му вратиш. Е како ќе му вратиш ако те „убил“ освојувајќи ипон?

Денес често се користи називот Карате-до. Карате на јапонски значи „празна рака“, првично значело „кинеска рака“ поради потеклото од кинескиот манастир Шаолин во 6 век. Првобитното име, кога техниката преминала во Јапонија во 14 век, било окинавате што значи рачна техника од Окинава. Огромното ширење на рачната борбена техника на Окинава во 17 век било последица на забраната за носење оружје наречена „катанагари“ или лов на мечеви. Додатокот „до“ се додава поради истакнување на филозофијата на каратето и неговото значење како животен пат.

Каратето е стил на живеење, крајната цел не е победа или пораз, туку совршенството на вашиот карактер во пракса.

Каратето како спорт е лимитирано со младоста и физичките способности, кои со годините опаѓаат. Лично за мене Карате-до како вештина и филозофија, не ги двојам, се примарни, бидејќи се долговечни. Така сфаќајќи го каратете не сум престанал да тренирам, со уште облекувам кимоно и практикувам карате вежби.

Љубчо Алексовски