Нови шампиони на најсилната лига во американскиот фудбал се Филаделфија Иглс, откако нивната одбрана го растури бекот на Канзас Сити Чифс, Патрик Махомес и го принуди да одигра еден од најлошите натпревари во кариерата. Династијата беше скршена, Махоумс не успеаја да стигнат до трета титула во низа, но беа блиску до најголемиот пораз во историјата на Супербол.
Иако во последниот меч од сезоната влегоа како благи фаворити, Чифс брзо сфатија дека работите нема да одат како што замислуваа. Додека Филаделфија го „тепаше“ бекот Махомес, нивниот плејмејкер Џејлен Хертс успеваше да ги организира нападите токму онака како што сакаше. Ниту еден дел од препознатливата игра на момците од Канзас не видовме во првите две четвртини – по првата беше 7:0, а по втората дури 24:0!
Финалето на НФЛ беше практично завршено пред американскиот рапер Кендрик Ламар да го започне своето шоу на полувремето. Филаделфија е премногу добар тим за да прокоцка толку големо водство во само две четвртини, па многумина се прашуваа дали може да се сруши рекордот од 1990 година, кога Сан Франциско 49ерс го совлада Денвер Бронкос со 55:10.
Филаделфија Иглс одлично го започнаа третиот период и за малку ќе го завршат без да примат бодови. Откако направија нова серија (10:0) и ја зголемија предноста на 34:0, момците од Пенсилванија сепак дозволија својот ривал да се запише на семафорот. Канзас Сити Чифс ги постигнаа првите шест поени на овој меч на половина минута до крајот на третата четвртина.
Шестте поени на Џејк Елиот во првата половина од четвртата четвртина ја поништија единствената добра работа што ја направија Чифс и ги ставија Орлите во предност со огромни 40:6. Натпреварот тогаш беше завршен, па новите шампиони можеа малку да се опуштат. Патрик Махомес доби простор да дише и во такви околности фрли два тачдаун, само за да не се понижи Канзас Сити пред цела Америка.
На крајот ќе се пишува дека Филаделфија го прегази Канзас, а Махомес сепак не е Том Брејди. Тревис Келче имаше и заборавен Супербол, кој практично беше невидлив во текот на целиот натпревар, иако тој е една од причините за популарноста на неговиот тим. На трибините беше неговата девојка, американската пејачка Тејлор Свифт, но и таа немаше многу за уживање – освен што нејзиното момче беше исвиркано на теренот, таа беше исвиркана и кога се појави на големото платно на стадионот.