Канабисот за лекови го мешале со ѓубре, запленети 4 тони

Дали се контролира бизнисот со марихуана?

788

Фирма на чие чело стоел 21-годишен бугарски државјанин е фатена во фалсификување на марихуана која била одгледувана заради медицински потреби.  Полињата и магацинот биле во валандовското село Јосифово, а амин за садење, берење и продавање добиле од Министерството за здравство. Наместо цветот од кој се прави лекот во кутиите ставале гранки, листови и отпад. Полицијата ја заплени целата есенска реколта на марихуана, четири тони мешан коноп за кој по контролата од здравство и направеното вештачење се утврдило дека 1.390 килограми биле фалсификат. Во полициското соопштение не пишува дали ќе се истражува каде завршил сувиот цвет кој содржи ТХЦ, а на декларациите на 500. кутии затекнати во магацинот стоело дека го има во потребното количество.

„Од вештачењето е утврдено дека содржината во пакувањата е фалсификувана односно, наместо сув цвет на марихуана содржи отпад, гранки, листови, био-маса и многу мала фракција на суви мали иситнети цветови, со што е извршено кривично дело од Законот за опојни дроги. 1390 килограми на марихуана е фалсификувана, а био-маса со ТХЦ  од 1629 килограми, која правното лице било задолжено да ја уништи и да достави известување до Министерството за здравство, не ја уништило и при контролата е затекната во магацинот, стои во полициското соопштение

Полицијата открила уште една злоупотреба на фирмата која е една од 80-те кои имаат лиценца за одгледување на марихуана во земјава. 11 килограми од сортата „булк глубери“, го нема и немало докази каде се наоѓа. Повеќе од 800 килограми од минатогодишната реколта не била спакувана во кутии како што предвидува законот туку во големи вреќи кои не биле запечатени со сигурносни ленти. Полицијата истражува дали дел од канабисот за правење лек завршил на црниот пазар.

„Од страна на валандовската полиција извршени се проверки и повикани се на службен разговор 16 лица, меѓу кои сопственици на правното лице, поранешен управител, обезбедување, како и работници кои биле ангажирани на тримирање и чистење на марихуаната. По обезбедување на сите материјални докази, поднесена е кривична пријава за извршено кривично дело од Закон за контрола на опојни дроги против управителот на правното лице У.Р.Г. (21) од Бугарија, поранешниот управител Љ.С. (35) од Ново Село, против правното лице како и против Б.И. (49) од Нов Дојран, Б.И. (25) од Струмица и Н.Г. (40) од Струмица, објави МВР

Марихуаната полицијата ја заплени и сега истражните органи треба да откријат каде е сувиот цвет со ТХЦ, тој што го заменувале со отпад ама и вишокот од бербата. Лиценците за одгледување на коноп за научни и медицински цели ги издава министерството за здравство, но во контролата се вклучени и други надлежни министерства, а последниот збор го има и Владата. Според законот за контрола на опојни дроги по секое садење, берење, пакување на кабаисот треба да се поднесе извештај до надлежните, а здравство да прави контрола

,, Одобрението за сеење/садење на коноп го издава Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Правното лице по добивање на одобрението е должно пред започнување со сеење/садење на семето од коноп да ги извести Министерството за здравство, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за лекови и медицински средства и комисијата која пак најмалку два пати во периодот од сеење/садење до берба на конопот, врши контрола над одгледувањето на конопот, стои во законот.

Од министерството за здравство до затворање на весникот не одговорија дали Нечистиот канабис бил пуштен во промет и дали била правена контрола согласно со законот. Фирмите кои имаат лиценца за одгледување на марихуана ја продаваат на фармацевтските компании каде се произведуваат лекови на база на канабис. Моментално во земјава маслото од канабис е дозволено за лекување од ХИВ, рак, епилепсија и мултиплекс склероза. Здруженијата кои се за легализација на канабисот во земјава предупредуваа дека со ограничувањата, црниот пазар ќе цвета.

Во аптеките маслото од канабис од 10 милилитри се продава за околу 1.260 денари се употребува двапати во денот по 5 капки и се издава на рецепт. Од 2016 година одгледувањето на канабис во земјава според законот е дозволено само за фирми кои ќе го користат за медицински и научни цели. Тие треба прво да добијат лиценца од МЗ, по претходна согласност од Владата.

Бизнисот со канабис го легализира поранешниот премиер Зоран Заев и според неговите изјави се вртат околу 250 милиони евра.  (П.А.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ