Во текот на целиот ден, тука се паркираат камиони и комбиња на доставувачи, таксисти, возила на агенции за обезбедување. Доставувачите си ги оставаат возилата и со рачни транспортери ја носат стоката до угостителските објекти околу плоштадот. Задржувањето е и по 20-ина минути, а бројот на возила на импровизираниот паркинг од ден на ден е сѐ поголем, па во утринските часови е проширен и на триаголникот кај блиските семафори. Освен што се создава сообраќаен хаос, се прават и штети, па е неопходна интервенција на јавното претпријатие „Улици и патишта“. За овој проблем со непрописното паркирање возила пред влезот на Порта Македонија од МВР велат дека Единицата за безбедност на патниот сообраќај Скопје презема тековни и континуирани мерки кон непрописно паркираните возила пред влезот на Порта Македонија, како и на целото подрачје на Град Скопје
Просторот пред влезот на Порта Македонија е претворен во паркинг. Во текот на целиот ден, тука се паркираат камиони и комбиња на доставувачи, таксисти, возила на агенции за обезбедување. Доставувачите си ги оставаат возилата и со рачни транспортери ја носат стоката до угостителските објекти околу плоштадот. Задржувањето е и по 20-ина минути, а бројот на возила на импровизираниот паркинг од ден на ден е сѐ поголем, па во утринските часови е проширен и на триаголникот кај блиските семафори.
Освен што се создава сообраќаен хаос, се прават и штети, па е неопходна интервенција на јавното претпријатие „Улици и патишта“. Ова јавно претпријатие започна таква интервенција изминатиот викенд, кога се санираа и нивелираа оштетените плочи на површината од плоштадот околу Порта Македонија.
– Интензивно продолжуваат да се извршуваат активностите за санацијата, со цел безбедно движење на пешаците во централниот дел од градот – потенцираат од ЈП „Улици и патишта“.
За овој проблем со непрописното паркирање возила пред влезот на Порта Македонија од МВР велат дека Единицата за безбедност на патниот сообраќај Скопје презема тековни и континуирани мерки кон непрописно паркираните возила пред влезот на Порта Македонија, како и на целото подрачје на Град Скопје.
Од Град Скопје, пак, не одговорија дали воопшто можат да преземат нешто да се реши хаосот со возилата на влезот пред Порта Македонија и дали имаат намера воопшто нешто да сторат.
Сепак, претходно Град Скопје го спречи влегувањето возила, низ Порта Македонија, на Градскиот плоштад, при што се уништуваше овој јавен простор за чие уредување беа потрошени околу 33 милиони денари, односно повеќе од половина милион евра од градскиот буџет.
За да го спречи влегувањето возила низ Порта Македонија, Град Скопје постави големи жардиниери, поврзани со синџир, кој вработените од Градот го тргаат за да ги пропуштат возилата на станарите од зградата што се наоѓа близу плоштадот. Воедно, поставена е куќичка во која дежураат вработените и не дозволуваат да се „протне“ некој што нема дозвола за минување.
Но сега се отвори нов проблем, односно паркирање возила пред влезот на Порта Македонија.
Уште пред пет години, на седницата на Советот на Град Скопје одржана во март 2018 година, донесени се измени на одлуката за организирање и дефинирање на условите за доставување стока на подрачјето на Град Скопје, според која е забрането да се врши достава на стока во централното подрачје, во периодот од 7:30 до 18:00 часот. Притоа, возилата за дотур можат да запираат и да се паркираат додека траат истоварот и товарењето, но најмногу 15 минути. Покрај тоа, во членот 8 се вели дека доставувањето стока може да се реализира доколку не се загрозува со тоа безбедноста на сообраќајот на пешаците и на возилата.
(А.П.)