Камениот мост во Штип, по 80 години, за прв пат се реконструира

88

Од Општина Штип најавија дека реконструкцијата ќе содржи подобрување на статиката на мостот, негово сообраќајно проширување, па мостот од повеќегодишното еднонасочно движење ќе се адаптира за сообраќај во двете насоки, со што ќе се скрати заобиколувањето да се премине реката преку другите мостови

 

По 80 години, стариот камен мост на реката Отиња или, како што го знаат штипјани, Каменик мост ја доживува својата прва реконструкција.

Од Општина Штип најавија дека реконструкцијата ќе содржи подобрување на статиката на мостот, негово сообраќајно проширување, па мостот од повеќегодишното еднонасочно движење ќе се адаптира за сообраќај во двете насоки, со што ќе се скрати заобиколувањето да се премине реката преку другите мостови. Камениот мост ќе биде со ограничена носивост, но за сообраќај на најтешките моторни возила, ќе се користи, како и досега, соседниот мост, таканаречениот Влашки мост, со носивост до 30 тона, изграден во 2007 година, со донација на бизнисменот Мите Николов.

– Сите активности околу реконструкцијата на Каменик мост мора да завршат што побрзо, затоа што новата учебна година само што не започнала, а овој мост најмногу го користат учениците и вработените во споменатите институции. Дојдовме и до друго решение. Со оглед на тоа што го приспособуваме мостот за двонасочен сообраќај, и тротоарите малку ќе се стеснат, планираме итно да изградиме нов пешачки мост за пешаците, веднаш до Камениот мост. Вкупната инвестиција ќе изнесува над 1,5 милиони денари – вели градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.

Тој додаде дека иако подлогата на реконструираниот мост ќе биде друга, за разлика од досегашните камени коцки, сепак , Каменик мост ќе ги задржи старите белег и назив, затоа што нема да се извадат камените коцки, туку, за негова подобра стабилност, ќе останат вградени во неговата конструкција.

Овој мост датира од дваесеттите години од минатиот век, кога првично имал дрвена, а подоцна добил камена конструкција.

Камениот мост го поврзува плоштадот во центарот на Штип, каде што во старо време се наоѓал штипскиот пазар, а денеска ги поврзува главните банкарски, поштенски, трговски и телекомуникациски институции во градот со образовните од левата страна на реката Отиња, каде што се наоѓаат: ОУ „Ванчо Прќе“, средното текстилно училиште „Димитар Мирасчиев“, Народната библиотека и разни објекти со предавалници на Медицинскиот и некои други факултети при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.