Камбовски: Ќе ги тргнеме тие 15-20 нечесни судии од нашите редови

Судијата Александар Камбовски нов претседател на Судски совет

85

Непосредно пред најавите дека преку Комисијата за избори и именувања ќе се разрешат членовите именувани од минатите собраниски состави кога мнозинство правеа СДСМ и ДУИ, Судскиот совет избра нов претседател, тоа е судијата Александар Камбовски од Битола. Од Комисијата за избор и именувања велат дека сеуште не прецизирале кога ќе се почне со постапката за разрешување, која е резултат на негативниот извештај за работата на Судскиот совет од страна на Собранието. ,,Доколку Собранието не го усвои извештајот, тоа ќе биде основ за поведување на расправа пред органите што ги избрале членовите на Судскиот совет за оцена на нивната работа во советот, стои во законот за Судски совет. Новиот претседател Камбовски по ова пршање изјави дека е уверен оти Собранието како уставотворец, како законодавец ќе го почитува и Уставот и законите и ќе постапува согласно нив

Во време кога е извесна судбината на пет членови на Судскиот совет именувани од минатите собраниски состави кога мнозинството во парламентарниот дом го правеа СДСМ и ДУИ, советот избра нов претседател, судијата Александар Камбовски од Битола. Речиси месец дена претседателското место беше празно, откако поранешната претседателка Весна Дамева ја објави оставката на неколку дена од истекот на нејзиниот мандат, а изборот на новиот претседател се одложи и поради свечената заклетва на новоизбраните членови  Аритон Ала од Апелацискиот суд Скопје и Данка Ристова од Апелацискиот суд Штип. Новиот претседател Камбовски вети дека ќе го води советот со интегритет, непристрасност и со максимални напори за заштита на судската независност на сите судии. Ова е куќа на судиите, ова е куќа за судиите, порача новоизбраниот претседател на Судскиот совет Александар Камбовски. Секој судија којшто нема да работи според законите, Камбовски изрази уверување дека местото нема да му биде повеќе во судскиот систем, додека сите други судии коишто работат чесно ќе имаат максималната поддршка од Судскиот совет, вратите ќе им бидат отворени, телефонските линии 24 отворени и ќе можат да се обратат за заштита од „било каков притисок, било какво влијание“.

На прашањето да ги искометира најавите за разрешување на членовите на Судскиот совет избрани во Собранието, Камбовски рече дека во принцип Советот не сака да коментира изјави на поединечни политичари, меѓутоа нагласи  „длабоко сме уверени дека Собранието како уставотворец, како законодавец ќе го почитува и Уставот и законите и ќе постапува согласно нив“.

Прашан пак дали ќе има одговорност за судијата Енвер Беџети, кој се најде на црната листа на САД, Камбовски повторно изрази уверување дека „секој судија којшто не работи според законите, туку според некои негови лични интереси или потпаднал под влијание, местото нема да му биде повеќе во судскиот систем.

– Крајно време е да ставиме крај бидејќи во Македонија има 400 судии и крајно време е тие што се 15, 20 да ги тргнеме од нашите редови, не кажувам конкретно за судијата Беџети, бидејќи треба да има постапка, изјави Камбовски, посочувајќи дека постапките за одговорност на судија се тајни. Во однос на тоа дали ќе иницира средба со премиерот Христијан Мицкоски, како неговата претходничка Весна Дамева, Камбовски, рече дека „апсолутно треба да имаме соработка, и со извршната и со законодавната власт“.

-Ние сме дел од системот на владеење во оваа држава, на трите власти. Ние мора помеѓу нас и да се помагаме и да се контролираме. Таа е и смислата, и затоа е направен Уставот на тој начин. Тоа во светот функционира. Кај нас некако тешко се воспоставуваат тие спреги на проверка и баланс меѓу трите власти, меѓутоа се надеваме дека ќе успееме да постигнеме повисок стандард на постапување и на соработка, изјави Камбовски и додаде дека соработката не треба да се сфаќа како мешање на извршната власт во судската или обратно.

Новиот претседател Камбовски ја доби подршката од мнозинството

Судскиот совет вчера на седница со 13 гласа го избра за нов претседател судијата Александар Камбовски, кој доаѓа од Апелација Битола и е член на Советот од јуни минатата година. Членот Исамедин Лимани, кој го предложи судијата Александар Камбовски, нагласи дека Камбовски доаѓа од втората генерација на Академијата за судии и јавни обвинители.

„Александар Камбовски има и интегритет и кредибилитет да се бори за поголема финансиска независност на судовите, бидејќи тие ја вршат судската власт, а Судскиот совет треба да им обезбеди услови, како и за судиите да можат понезависно и непристрасно да го применуваат правото“, изјави Лимани.

Судијката Антоанета Димовска, рече дека не се сомнева дека Камбовски ќе покаже менаџерски способности и дека нема никаква причина да го даде својот глас за него.

„Гласот е глас, тој ќе биде прв меѓу еднаквите, ќе не организира, меѓутоа останува да ги вкрстуваме аргументите и да дискутираме понатака за секое спорно прашање“, изјави Димовска.

Судијата Ивица Николовски, рече дека Камбовски го познава подолг период и со задоволство ќе го поддржи неговиот избор.

„Со неговиот кредибилитет, интегритет, искуство, знаење и целосно запознат со сите потрбеи и проблеми на третиот столб на нашата држава очекувам дека заеднички ќе одиме во една позитивна насока на зацврстување и подигнување на довербата на граѓаните, но не со зборови, туку чекор по чекор со дела. Очекувам под негово водство на Судскиот совет да ја зајакнеме довербата, туку и со дела да придонесеме во едно поквалитетно правораздавање“, изјави Николовски.

Членот Тања Чачарова Илиевска, рече дека и покрај одредени ситуации во кои отворено зборувале со Камбовски за одредени проблеми, сепак цени дека треба да ја добие поддршката за претседател на Судскиот совет.

„Очекувам поголема ангажирност од колегата Камвовски во насока на зацврстување на позицијата на Судскиот совет во правосудниот систем, за реализирање на нашите заеднички заолжби, а тоа е да се зачува самостојноста, угледот и независноста во судството и враќање на довербата на граѓаните“, изјави Чачарова Илиевска.

Поранешната претседателка Весна Дамева, рече дека за високиот морал и интегритетот на Камбовски во судството дознала во моментот кога бил избран за член на Судскиот совет, каде што од многу страни самите судии изразиле огромно задоволство, потенцирајќи дека е судија што е самостоен и независен.

„И да не беше предлог на колегата Исамедин Лимани, јас ќе го предложев. Вториот момент заради кој го поддржувам овој предлог е од причина што во овој краток период додека е член јас видов исклучителна поддршка од негова страна во сите активности на Советот во насока на имплементација на препораките на Оценската мисија, и тоа е многу важно“, изјави Дамева.

Кој е Александар Камбовски

Александар Камбовски е дипломиран правник и магистер по правни науки. За прв пат е избран за судија во 2010 година во Основниот суд Битола како дел од втората генерација слушатели на Акдемијата за судии и јавни обвинители (АСЈО). Седум години подоцна, во 2017 година, Камбовски е избран за судија на Апелацискиот суд Битола кога станува и предавач на АСЈО. На крајот на феруари минатата година беше избран за в.д. претседател на судот, а на почетокот на јуни 2024 година беше избран за член на Судскиот совет.

Судскиот совет е составен од 15 члена, од кои осум члена ги избираат судиите од своите редови, петмина ги избира Собранието од кои двајца на предлог на претседателот на државата.  Петмина од членовите од редот на судиите беа избрани минатата година. Во декември судиите Аритон Ала од Апелацискиот суд Скопје и Данка Ристова од Апелацискиот суд Штип, претходно во септември беше избрана судијката Џенета Бектовиќ од Основниот кривичен суд Скопје како член на Советот од редот на судиите припадници на заедниците, кои се помалку од 20 проценти од населението во државата, додека во јуни нови членови станаа судиите Исамедин Лимани од Врховниот суд и Александар Камбовски од битолското апелациско подрачје. Останатите тројца членови на Советот од редот на судиите се судијката Антоанета Димовска избрана во јули 2023 година, судијата Ивица Николовски избран во септември 2022 и Ханиф Зендели избран во јануари 2020 година. По предлог на претседателот на државата, членови на Советот се Весна Дамева, избрана во декември 2019 година и Миљазим Мустафа избран во јули 2019 година. Членовите на Советот кои се бираат од Собранието се Тања Чачарова-Илиевска избрана во декември 2021 година, Павлина Црвенковска избрана во декемри 2020 година и Селим Адеми избран во декември 2019 година.

Единствениот орган за избор, оценка и контрола на работата на судиите и чуварот на довербата на граѓаните кон судството – Судскиот совет,  годината ја почна со претседателски „рокади“, а ја заврши со празно столче на функцијата претседател на Советот. Судскиот совет, повторно се најде во фокусот на јавноста, но не само по контроверзно разрешување, па враќање, и на крајот оставка од функција на претседателката Весна Дамева, туку и по обидите за примена на дел од препораките на Оценската мисија во своето работење, како и отворените повици од власта за нивно распуштање и реформа на Законот за судски совет.

Првиот човек на Судскиот совет и неговиот заменик се бираат од членовите со право на глас, откако Уставниот суд во март 2023 го укина ограничувањето тие да се избираат само од редот на членовите избрани од Собранието.

 

ИЗДВОЕНИ