Камала се надеваше дека дебатата ќе ја турне кон победа – тоа не се случи!

145
EPA-EFE-WILL-OLIVER

Камала Харис не оствари значителна добивка во анкетите по дебатата. И покрај фактот што некои гласачи и аналитичари ја прогласија Камала Харис за победничка во дебатата против Доналд Трамп, анкетите не покажаа значително поместување во нејзина корист, пишува Politico.

Иако по дебатата имаше благ пораст на поддршката, дури и во клучните држави, Харис сепак немаше јасна предност пред Трамп. Оваа тесна трка сугерира дека изборите во ноември ќе бидат крајно неизвесни.

Дебатата беше одлична можност за Харис да ја покаже својата сила во соочувањето со Трамп, што според некои проценки и успеа. Во анкетата на Њујорк тајмс и колеџот Сиена, дури две третини од потенцијалните гласачи, или 67 отсто, рекле дека Харис се покажала одлично, додека само 40 отсто му дале иста оценка на Трамп.

Дебатата ја следеа околу 67 милиони Американци, што е втор најголем телевизиски настан годинава по Суперболот. Националните анкети покажуваат дека водството на Камала Харис расте за околу еден процентен поен, а според последните анкети на NBC и CBS, Харис води со неколку процентни поени.

Во просек, нејзиното водство на национално ниво сега се движи помеѓу 2,2 и 3 процентни поени, што е мало зголемување од пред дебатата.

Но, податоците од клучните држави, каде што најверојатно ќе се одлучува за изборите, покажуваат уште поскромен напредок за Харис. Во седум клучни држави, Харис сè уште води со многу мала разлика, а во некои случаи анкетите покажуваат дека трката е речиси изедначена, што е особено вознемирувачко за неа со оглед на историските неуспеси на анкетарите за кои е познато дека го потценуваа Трамп во минатото.