Во чест на хуманоста и традицијата, годинешниот „Виенски бал“ (по 26.пат) ќе се одржи на 10. мај во хотелот „Александар Палас“ во Скопје, а специјална гостинка со својот богат музички репертоар ќе биде популарната Калиопи.
Организаторите од здружението за културна соработка (помеѓу Македонија и Австрија) „Јохан Штраус“, соопштија дека средствата собрани од балот ќе бидат донирани за семејствата на настраданите во трагичниот пожар што се случи на 16 март во дискотеката „Плус“ во Кочани.
Балот ќе биде, всушност отворен со настапот на оркестарот „Јохан Штраус“, под диригентската палка на Бисера Чадловска, додека на танцовиот подиум ќе настапат танчарите од школата „Прима Данца“. По пеењето на Калиопи, гостите ќе уживаат во музиката на бендот „Свингерси“, како и во забавата што ќе ја предводат Дејан Бобиќ – Дексо и Билјана Ѓошева. Водителка е убавата (поранешната Мис на Македонија), Вера Мештеровиќ. (Д.М.)