Калас во Тирана: Косово и Србија не можат да се движат кон ЕУ без целосна нормализација на односите

636

Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската унија Каја Калас на заедничката прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама во Тирана изјави дека Косово и Србија не можат да се движат кон ЕУ без целосна нормализација на односите, пренесува „Репортери“.

Калас денеска е во Тирана каде со премиерот Еди Рама разговараше за случувањата во регионот.

„Она што е важно за Косово и Србија е да не можат да одат напред без целосна нормализација на односите. Ќе одам во Босна и Херцеговина и ќе се сретнам со сите страни таму за да ја смириме ситуацијата“, рече Калас.

За време на заедничката конференција со Рама, Калас исто така истакна дека Албанија е силен поддржувач на ЕУ.

„Албанија силно ја поддржува ЕУ. Вашата одлука за целосно спроведување на санкциите на ЕУ против Русија, заедно со вашата хуманитарна и политичка поддршка за Украина, ја покажува вашата посветеност на ЕУ. Вие сте многу вредни и корисни во соработката во регионот за да има безбедна средина. ЕУ е посветена на Албанија и нашата соработка носи придобивки за двете страни“, рече таа.

Таа изјави дека ќе започне и првиот дијалог ЕУ-Албанија за безбедност и одбрана.

„Ја продлабочуваме соработката во безбедносниот сектор и сакаме да ја прошириме оваа соработка и во други области. Нашата соработка оди подалеку од безбедноста бидејќи Албанија има амбициозен план да ги заврши преговорите во следните две години. Нема кратенка до членството во ЕУ освен перформансите во реформите. Реформите се тешки и ја имате нашата поддршка во однос на отворањето на група други поглавја“, рече Калас.

Според неа, се разговара и за идниот развој на Албанија и ЕУ.

ИЗДВОЕНИ