Какво правно дејство треба да следи за функционер кој работел несовесно и неодговорно?

77

Собранискиот спикер смета дека гласањето за интерпелацијата е израз на пратениците и нема правно обврзувачки последици за разрешување и нема правно дејство. Наспроти ова, Левица и Движењето ЗНАМ викендов категорично побараа таа да биде заменета на функцијата претседателката на собраниската комисија. Во собранискиот Деловник е наведено дека „Ако Собранието ја прифати интерпелацијата донесува заклучок во кој се изнесува ставот во врска со наводите на интерпелацијата“.

 

Конфузија остана околу тоа дали претседателката на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади Илире Даути и натаму може да остане на оваа јавна функција откако беше изгласана интерпелацијата за нејзината работа. Иако 61 пратеник во петокот попладне ги прифати наводите содржани во интерпелацијата на Левица дека таа „несовесно и неодговорно ја вршела јавната функција“, собранискиот претседател Африм Гаши соопшти дека тоа не повлекува нејзиното разрешување. Наспроти ова, од Левица и од Движењето ЗНАМ викендов соопштија дека Даути мора да биде земенета со друга личност од коалицијата Европски фронт.

Опозициската Левица барањето за одговорност од Даути го покрена откако таа со месеци одбива да го стави на дневен ред Законот за посебни права на припадниците на безбедносните сили, со образложение дека и борците од ОНА треба да ги добијат истите права како бранителите од 2001-вата.

-Со изгласаната интерпелација на пратеничката Илире Даути, Собранието донесе заклучок дека наводите во интерпелацијата на Левица се основани и дека Даути работела несовесно и неодговорно како претседател на собраниската комисија. Со усвоениот заклучок се утврди дека Даути повеќепати го прекршила Уставот, законите и Деловникот на Собранието, преку блокирањето на Предлог-законот. Со оваа констатација, пратеничката од редот на Европскиот Фронт е недостојна да ја врши функцијата претседател на Комисијата и нејзината пратеничка група итно треба да достави нов предлог кој ќе ја замени. Во спротивно, ако на било кој начин остане претседателка на Комисијата, се прави опасен преседан и целосно се девалвира и обезвреднува правната институција „интерпелација“. Никакви пристрасни и „креативни“ толкувања на Деловникот од страна на спикерот Африм Гаши не можат да ја спасат Даути од одговорност, потенцираа од Левица.

Од ЗНАМ соопштија дека Даути е разрешена со интерпелацијата и повеќе не може да ја извршува функцијата претседател на Комисијата.

-Сосема е нејасно на што се темели соопштението од кабинетот на претседателот на Собранието дека со изгласувањето на интерпелацијата не следува и разрешување на претседателката на Комисијата, госпоѓа Даути. Од седницата на која беше изгласана интерпелацијата за г-ѓа Даути, за нас исходот е многу јасен. Собранието на Република Македонија утврди одговорност кај госпоѓа Даути, таа несомнено го прекршила Деловникот, а санкцијата за прекршувањето на Деловникот е разрешување за оној што го направил тој прекршок – реагира ЗНАМ.

Оттаму очекуваат опозицијата в понеделник да предложи нов кандидат за оваа позиција, со оглед на тоа што Даути е дел од „Европскиот фронт“.

До ова доаѓа откако собранискиот претседател Африм Гаши уште во петокот соопшти дека интерпелацијата нема правно обврзувачки последици за разрешување и нема правно дејство. Именувањата и разрешувањата, велат од Собранието, се уредуваат со други посебни процедури утврдени во Деловникот на Собранието, законите и Уставот.

–Седницата се одржа во потполна согласност со Уставот на Република Северна Македонија, Деловникот на Собранието и постоечките закони. Изјавите на одредени медиуми кои велат дека резултатот од гласањето за интерпелација наложува разрешување на г-ѓа Даути се неточни. Нагласуваме дека гласањето за интерпелацијата е израз на пратениците и нема правно обврзувачки последици за разрешување и нема правно дејство. Именувањата и разрешувањата се уредуваат со други посебни процедури утврдени во Деловникот на Собранието, законите и Уставот, објаснуваат од Собранието.

Владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ и опозициската СДСМ вчера не излегоа со партиски став околу оваа прашање. Се очекува тие својот став да го соопштат денеска на координацијата кај спикерот Гаши. Инаку, во собранискиот Деловник, во членот 51 е наведено дека „Ако Собранието ја прифати интерпелацијата донесува заклучок во кој се изнесува ставот во врска со наводите на интерпелацијата“. Во поднесената интерпелација на Левица е наведено дека се бара собраниското мнозинство да ја прифати така што „ќе констатира дека Даути несовесно и неодговорно ја врши јавната функција на која е избрана и не го почитува Уставот, законите и Деловник на Собранието“.

Од друга страна, во новиот собраниски Деловник кон беше усвоен во 2023 година и со кој требаше да се отстранат недореченостите во претходниот, е наведено само тоа дека „членот на работното тело може да се разреши ако трипати едноподруго отсуствувал од седниците“. Но, конкретна одредба околу смената на претседателот нема.

Во интерпелациите поднесени за тројцата министри и еден заменик-министер од страна на Европски фронт беше наведено дека се „бара одговорност за нивната работа“. (Б.Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ