Каков абер му носи Орбан на Мицкоски?

Унгарскиот премиер во дводневна посета на Македонија

302

Охрид денеска е под засилени безбедносни мерки поради посетата на унгарскиот премиер Виктор Орбан. Унгарија во моментов претседава со ЕУ, а Орбан во втората половина од годинава е и претседател на Советот на Европската Унија.

Официјалната тет а тет средба со неговиот домаќин, македонскиот премиер, е закажана за утре, во премиерската вила во Охрид, а, како што информираше владината Прес-служба, во рамките на посетата ќе се остварат и низа билатерални средби на македонските министри со ресорните колеги од унгарската делегација.

Утре ќе се одржи и заедничка меѓувладина седница во хотелот „Инекс Олгица“, а по завршувањето на седницата, се очекува двајцата премиери да одржат прес-конференција на таа локација.

Како што информираат од Владата, на маргините на дводневната посета е предвидена прошетка во Охрид, посета на црквата „Богородица Перивлепта“, Античкиот театар и на манастирскиот комплекс „Свети Наум“, а премиерите на двете земји ќе положат цвеќиња пред споменикот на светите Кирил и Методиј во Охрид. Посетата на Виктор Орбан на земјава е практично прва официјална посета на ниво на премиер на земјава по изборот на Владата на Мицкоски.

Набргу по формирањето на Владата во Скопје во јуни, во текот на самитот на НАТО во Вашингтон, кој се одржа во првата половина на јули, Мицкоски договори со Орбан земјава да земе кредит од Унгарија во висина од 500 милиони евра. На 17 септември, законот за унгарскиот кредит беше изгласан и во Собранието.

Опозицијата во Собранието тогаш обвини дека договорот за заемот е направен зад затворени врати, со крајно сомнителни намери и носи огромни политички и економски последици, со енормно зголемување на јавниот долг. Наспроти нив, од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека постапката е транспарентна и оти првпат има заем за кој однапред се знае за што ќе биде потрошен и оти ќе им се помогне на општините и на стопанството.

Орбан бил во официјална посета на земјава во 2013 година, кога и бил одликуван со орденот „8 Септември“ за исклучителни заслуги за развивање и зацврстување на пријателските односи и на мирољубивата соработка меѓу Македонија и Унгарија. Орденот му бил врачен од тогашниот претседател, Ѓорѓе Иванов, а имал средби и со тогашниот премиер, Никола Груевски.