Како во мафијашки филм – продавале девојки и дрога, живееле во луксуз!

РАЗБИЕНА ДЕСЕТЧЛЕНА КРИМИНАЛНА БАНДА, МЕЃУ НИВ И ДВАЈЦА ПОЛИЦАЈЦИ

536

Криминалот цветал низ тетовските клубови четири години. Во рацијата биле запечатени објекти, а биле запленети луксузни автомобили, злато, брендирани часовници, пари… Во видеото што го сподели полицијата од акцијата при апсењето на криминалците се гледа дека ентериерот на куќите личи како на мафијашките од холивудските филмови, со семејни портрети, позлатени огради, надвор се паркирани неколку четирицикли, големи црни џипови

Криминалната банда ќе одговара за „збогатување“ на ноќниот живот во Тетовско преку организирање на проституција во стриптиз-клубови. Обвинителство за организиран криминал и корупција поднесе обвинение против десетчлената група, кои освен за злосторничко здружување, обвинети се и за перење пари, проституција и трговија со дрога.

Тројца го признале делото и се спогодиле со обвинителот, а дека е виновен признал и полицаецот од локалната полиција и веќе е осуден на затворска казна од 1 година и 8 месеци за оддавање на службена тајна бидејќи ја предупредувал групата пред полициските рации за ловење на странски државјанки низ клубовите во Западна Македонија.

Полициската акцијата со кодно име „Шипка“, била спроведена пред неколку месеци, во ноќните часови кога специјалци „тресеа“ 17 локации во Тетовско, во казина, барови, а како првообвинет е 35-годишен, кој заедно со неговиот брат ги организирал нелегалните активности. Секој од членовите во групата си имал свое задолжение, еден го организирал патувањето на девојките, кои биле со нелегален престој, друг се грижел за нив и ги обезбедувал од незгодни гости, а трети, пак, растурале дрога по стриптиз-баровите како за клиентите така и за танчарките. Криминалот цветал низ тетовските клубови четири години, а во рацијата биле запечатени објекти, а биле запленети и луксузни автомобили, злато, брендирани часовници, пари…

„Организираната група ја создал првоосомничениот, кој ги организирал и ги координирал криминалните активности на другите припадници на групата, која во временскиот период од 2020 година до октомври 2024 година се занимавала со посредување во вршење проституција и недозволена трговија со дрога, а дел од обвинетите ги прикривале нелегално стекнатите приходи од овие кривични дела. Членови на криминалната група биле и две службени лица – затворски полицаец и полициски службеник, велат од истрагата.

Во видеото што го сподели полицијата од акцијата при апсењето на криминалците се гледа дека ентериерот на куќите личи како на мафијашките од холивудските филмови, со семејни портрети, позлатени огради, надвор се паркирани неколку четирицикли, големи црни џипови.

Јавниот обвинител заради непречено водење на постапката побара од судија на претходна постапка да им ја продолжи мерката затворски притвор. При последните полициски контроли низ баровите во западниот дел од земјава приведени беа државјанки од Бразил, Колумбија, Украина, Франција и Србија на возраст од 21 до 38 години. Локалците велат дека со доаѓањето во родниот крај на нашите иселеници за време на божиќните празници, се зголемува и понудата во многуте угостителски објекти во Полошко. Во баровите  како танчарки и келнерки се носат девојки кои во доцните часови често пак „продаваат љубов“ на гостите. Полицијата при контролите честопати во овие угостителски објекти затекнува млади девојки кои најчесто доаѓаат од земји како Србија, Албанија и Косово, но при последната ваква акција биле затекнати и Бразилки и Колумбијки, чија забава, според полициските информации, чини многу повеќе. (П.А.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ