Како Србија стигна до генерален штрајк? Никој не одговараше за смртта на 15 лица, а гневот на јавноста растеше!

115
EPA-EFE/MARKO KAROVIC

Денешниот генерален штрајк во Србија претставува кулминација на повеќемесечните протести, незадоволство и трагични настани кои ја потресоа земјата. Тешко е на едно место да се опфатат сите околности кои доведоа до овој момент, бидејќи проблемите и незадоволството од реакцијата на одговорните и надлежните се натрупуваа од ден на ден.

Еден од клучните моменти беше уривањето на настрешница во Нови Сад, што на 1 ноември 2024 година ги однесе животите на 15 лица и предизвика револт кај студентите и другите граѓани. Овој трагичен инцидент стана поттик за почеток на протестите, но не беше единствената причина за незадоволство. Во текот на следните месеци се случија многу инциденти и ситуации кои само поттикнаа се повеќе луѓе да реагираат, а во продолжение Нова.рс. потсети на некои од нив.

Во уривањето на настрешница на новообновената железничка станица во Нови Сад загинаа 14 лица. Уште едно лице им подлегна на повредите на 16 ноември.

Демонстрациите започнаа во првите денови по падот на настрешницата. Прво во Белград и Нови Сад, а подоцна и во другите градови низ Србија. Граѓаните спонтано се собраа на железничката станица, на централниот градски плоштад и на други места.

Потоа почнаа да се организираат митинзите „Застани Србијо“ кои имаа за цел да им оддадат почит на жртвите, но и да ги повикаат на одговорност властите, за кои никој не презеде одговорност по падот на настрешницата, туку се оградија од тоа, тврдејќи дека „не ја реновирале единствено настрешницата“ на таа железничка станица. Иако жителите на Нови Сад, како и сите други, неколку месеци претходно беа сведоци на реконструкцијата на настрешницата.

Токму на еден таков собир се случи инцидент кој ги крена студентите на нозе и иницираше блокади.

Напад врз студенти на ФДУ

Студентите на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) во Белград беа нападнати на 22 ноември за време на митингот „Застани Србијо“. Тие идентификуваа неколку локални функционери и членови на владејачката Српска напредна партија (СНС) меѓу луѓето кои учествуваа во нападите.

Снимката од настанот се прошири на социјалните мрежи и очекувано предизвика гнев во јавноста поради нападот врз студентите.

После тоа, ситуацијата кулминираше.

Блокади на факултетите

Само неколку дена подоцна, на 25 ноември, факултетите беа блокирани. Набргу, еден по еден, во блокадите влегоа многубројните факултети на Универзитетот во Белград и на Универзитетот во Нови Сад, а потоа и факултетите во Ниш и Крагуевац.

Тие бараат апсење на одговорните за нападот врз студентите и професорите, ослободување на приведените демонстранти и објавување на целата документација поврзана со реконструкцијата и уривањето на настрешницата.

Неколку дена подоцна сè повеќе факултети беа блокирани, а Ректоратот на белградскиот универзитет беше блокиран на 29 ноември на 12 часа. Протестот растеше од ден на ден, за на крајот да се прошири низ целата земја, пишува Нова.рс.

ГЕНЕРАЛЕН ШТРАЈК ВО СРБИЈА! Кој, кога и каде протестира денеска?

ИЗДВОЕНИ