Како обичните средства за комуникација, пејџери и воки-токи, станаа смртоносно оружје?

381

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант, во разговор со израелските војници, не ги спомна експлозиите на направи во Либан, но ја пофали работата на израелската војска и безбедносните агенции, истакнувајќи дека „резултатите се многу импресивни“, објави „Асошиејтед прес“. По експлозиите на комуникациските уреди, кои убија повеќе од 30 и ранија илјадници лица, продолжува и класичната војна. Во текот на ноќта Израел изведе воздушни напади на Либан, а Либан вчера изутрина возврати со противтенковска ракета, при што се ранети најмалку осум израелски војници. Советот за безбедност на ОН за денеска закажа седница посветена на експлозиите на пејџерите и воки-токи уредите

 

 

Експлозиите на телекомуникациските уреди на борците на Хезболах во Либан го алармираа Советот за безбедност на Обединетите нации. За денеска, како што објави словенечкиот амбасадор во ОН, Самуел Жбогар, е закажана седница на ова тело посветена на експлозиите во Либан насочени кон Хезболах. Состанокот е побаран од Алжир во име на арапските држави.

Во вторникот од експлозии на пејџери, што ги користеле припадниците на Хезболах загинаа 12 лица, а речиси 3.000 беа ранети, од кои околу 200 се во критична состојба. Наредниот ден, во средата, експлодираа воки-токи и убија најмалку 20 лица и ранија повеќе од 450. Некои од експлозиите на воки-токи се случија за време на погребите на дел од 12-те лица кои биле убиени во експлозијата на пејџери во вторникот. Агенциите јавија и за експлозии на домашни соларни системи, а по социјалните мрежи се шират снимки од запалени автомобили во кои експлодирале комуникациски уреди.

Либанската влада и Хезболах го обвинија Израел за нападот, но од Израел дојде само најава дека војната добива нов тек. Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант прогласи почеток на „нова фаза“ од војната против борците на Хезболах во Либан со фокус на северниот фронт.

Тој доцна попладнето во средата, во разговор со израелските војници, не ги спомна експлозиите на направи во Либан, но ја пофали работата на израелската војска и безбедносните агенции, истакнувајќи дека „резултатите се многу импресивни“, објави „Асошиејтед прес“.

-Центарот на гравитација се движи кон север. Ги пренасочуваме силите, ресурсите и енергијата на север. Верувам дека сме на почеток на нова фаза во оваа војна и мораме да се приспособиме. Ќе ни треба доследност со текот на времето, оваа војна бара голема храброст, одлучност и истрајност, рекол Галант, пренесе „Тајмс“ оф Израел.

Практично, Израел се подготвува за одмазда од Хамас. Илјадници израелски војници се префрлени на северната граница со Либан. Таму е стационирана 98. Дивизија, која до неодамна се бореше во Појасот Газа. Се верува дека дел од таа дивизија се и падобрански пешадиски единици и артилерија и елитни командоси специјално обучени за операции зад непријателските линии.

Покрај тоа, ИДФ почна и со ограничено регрутирање на резервен персонал што ќе биде распореден на север во случај на ескалација.

Нo, како се случи телекомуникациски уреди да станат смртоносно оружје? „Гардијан“ пишува дека можеби ќе поминат години пред да се дознае целосната приказна, но, она што се знае е дека нападите биле внимателно планирани. Експертите веруваат дека во секој од уредите бил вграден мал носач на стабилен експлозив.

 

-Не е потребно многу бидејќи е блиску до телото, па неколку грама експлозив се доволни за да се нанесе повреда, објаснува за „Гардијан“, Алан Вудворд, професор по сајбер-безбедност на Универзитетот во Сари.

Првиот бран експлозии во вторникот се случи откако сите пејџери истовремено заѕвониле, а борците мислеле дека е порака од раководството. Во тие експлозии загинаа и неколку деца. Едно од нив е и деветгодишната Фатима. Таа сакала да му го однесе на татко ѝ пејџерот кој заѕвонил, но ѝ и експлодирал во раце.

Според Вудворд, најверојатно била изведена некаква модификација на вградениот софтвер на свиркачот, која предизвикувала експлозија кога преку пејџерот ќе се испрати одредена порака. Сведоците откриле дека прво се огласил пејџерот, а потоа имало пауза до појавувањето на пораката, при што имало доволно време уредите да се доближат до лицето, по што експлодирале.  Либанските лекари рекоа дека експлозиите предизвикале најмногу повреди на лице и очи.

Инаку, борците на Хезболах преминаа на комуникација со пејџери откако нивниот шеф Хасан Насрала, во февруари, предупреди дека Израел користи мрежи на мобилни телефони за да ги лоцира оперативците.

-Ме прашувате каде се агентите. Ви велам дека агентите се во мобилните телефони во вашите раце, во рацете на вашата сопруга и вашите деца. Погребајте ги, ставете ги во железна кутија и заклучете ги, им рече тој на своите следбеници во јавно емитуван говор.

Пејџерите го имаа логото на тајванскиот производител „Голд Аполо“, но неговиот основач изјави дека се направени во Европа, поточно во Унгарија. Обидите на новинарите да дознаат кој навистина стои зад смртоносните пејџери беа неуспешни. Тројца разузнавачи, запознаени со операцијата, сега тврдат дека таа компанија всушност имала израелска заднина, а биле формирани уште најмалку две други такви компании за да ги прикријат вистинските идентитети на луѓето кои ги создале пејџерите, односно израелските разузнавачи. Според тројцата разузнавачи компанијата произведувала обични пејџери за обични клиенти, но единствениот клиент кој навистина бил важен бил Хезболах. А  нивните пејџери биле сè само не обични.

Случајот со уредите за комуникација воки-токи, кои експлодираа ден подоцна, е уште понејасен.  Тие се производство на јапонски ИКОМ, кој  соопшти дека тој модел, како и батерии за него не се произведуваат веќе 10 години и дека не може да утврди дали се фалсификувани или испорачани од нив.

-ИЦ-В82 е рачно радио кое се произведуваше и извезуваше, вклучително и на Блискиот Исток, од 2004 до октомври 2014 година. Производството беше прекинато пред приближно 10 години и оттогаш не беше испорачан од нашата компанија, соопштија оттаму.

Директорот на компанијата рече дека би било невозможно да се стави експлозив во уредот при производството. Ако се открие дека е фалсификат, посочи тој, ќе мора да се истражи како некој создал бомба која изгледа ако производ на компанијата.

-Ако е автентичен, ќе мора да ја следиме неговата дистрибуција за да откриеме како завршил таму, изјави тој.

Но, продолжува и класичната војна. По експлозијата на воки-токи уредите, во текот на ноќта Израел изведе воздушни напади на Либан, а Либан вчера изутрина возврати со противтенковска ракета испалена кон северот на Ираел. Известувањата на израелските медиуми сугерираат дека се ранети најмалку осум лица, а се врши и повлекување на војници од северната граница.