Како ќе се пополни дупката во буџетот со 0% данок на храна?

За експертите предлогот на СДСМ за 0 отсто данок на основни прехранбени производи е популистичка мерка, која нема никаква економска логика. Тие потсетуваат дека и во минатото се носеле вакви мерки кои немале долгорочен ефект и кои повеќе направиле штета врз буџетот отколку корист на граѓаните. - Прашањето е како ќе се финансира државата. Ние не можеме да прибереме доволно приходи за да ги покриеме тековните трошоци и постојано се задолжуваме, а не да носиме вакви мерки. Ова е популистичка мерка и нема никаква економска логика. Друга работа е што 0 отсто данок ќе има и за најбогатите и за најсиромашните, односно за оние кои земаат минимална плата и за оние кои имаат многу високи плати. Нема никаква селективност кај оваа мерка и не е насочена кон ранливите категории. Подобро ќе биде прво да се приберат даноците, а потоа да се помагаат најсиромашните, изјави за ВЕЧЕР, даночниот експерт Павле Гацов

1140

Предлогот на СДСМ за намалување на ДДВ-то од 5 на 0 отсто е популистичка мерка и нема никаква економска логика, сметаат економските експерти. Кога се носи ваква мерка, треба прво да се види какви се импликациите врз буџетот и како ќе се пополни дупката која ќе се јави поради намалените приходи. Од друга страна, доколку се носи ваква мерка таа треба да се однесува на домашното производство, односно да се ослободи од ДДВ домашните производи и на тој начин да се помогне и економијата и граѓаните. Оваа мерка не е добро осмислена и треба да се анализира и да се насочи кон одредена категорија на граѓани и производи.

Даночниот експерт Павле Гацов, за весникот ВЕЧЕР, вели дека во Македонија сè е можно, така што можно е да се донесе и оваа мерка и покрај тоа што е популистичка и нема никаква економска логика.

-Прашањето е како ќе се финансира државата. Ние не можеме да прибереме доволно приходи за да ги покриеме тековните трошоци и постојано се задолжуваме, а не да носиме вакви мерки. Ова е популистичка мерка и нема никаква економска логика. Друга работа е што 0 отсто данок ќе има и за најбогатите и за најсиромашните, односно за оние кои земаат минимална плата и за оние кои имаат многу високи плати. Нема никаква селективност кај оваа мерка и не е насочена кон ранливите категории. Подобро ќе биде прво да се приберат даноците, а потоа да се помагаат најсиромашните. Мерката не е добра и пред да се донесе треба да се направи анализа да се види дали е применлива. Тие за да соберат поени може да бараат да се укинат сите давачки, но тоа не е добро за буџетот кој треба од некаде да се полни, изјави Гацов.

Од Организација на потрошувачи на Македонија сметаат дека вакви мерки треба да се носат со претходна анализа, односно пред да се донесат да се видат кои се позитивните, а кои негативните ефекти од мерката.

-Со намалување на ДДВ на храна ќе има намалување на приходите во буџетот. Затоа пред да се донесе треба да се направи анализа и да се види како оваа мерка ќе влијае врз буџетот, односно колкава ќе биде дупката и како таа ќе се пополни. Треба да се најде начин и други извори на приходи со кои ќе се надополнат изгубените приходи од намаленото ДДВ на основните прехранбени производи. Ваквите мерки немаат долгорочен карактер, што се покажа во пракса откако претходно беа донесени како дел од антикризните мерки, изјави за ВЕЧЕР, Маријана Лончар Велкова, претседател на Организацијата на потрошувачи на Македонија.

Според неа, ваквата мерка може да има повеќе негативни ефекти врз другите области, односно може да доведе врз намалување на парите кои се наменети за здравство, образование…

-Ние сме за конкретни мерки кои ќе имаат подолг рок на траење и нема да ја руинираат пазарната економија. Ова е популистичка мерка која ќе предизвика само дупка во буџетот. Од друга страна, апсурдно е сега да се даваат вакви предлози кога буџетот е веќе донесен, смета Лончар Велкова.

Земјоделските експерти, пак, сметаат дека ако веќе се оди кон тоа да се ослободат од ДДВ основните прехранбени производи тоа да се однесува само на домашните производи. На тој начин ќе се даде поддршка на домашното производство, а ќе се помогне и економијата и граѓаните и земјоделците.

Сепак од СДСМ сметаат дека со ваквиот предлог граѓаните ќе имаат месечна заштеда од 1.200 до 2.000 денари.

– Она што е најважно е дека за спроведувањето на Предлог-законот не е потребно обезбедување на финансиски средства и оваа мерка нема да може да биде изиграна од трговците како што тоа се случи со мерките на Владата на Христијан Мицкоски, изјави лидерот на СДСМ, Венко Филипче.

Од ВМРО-ДПМНЕ веднаш одговорија дека нема да дадат поддршка на законското решение бидејќи според нив тоа нема да придонесе за зголемување на квалитетот на живот на граѓаните, туку се работи за креирање на дневно-политички теми.

Пратеникот Бојан Стојановски рече дека владата на СДСМ четирипати одбила такво законско решение.

– Да ја потсетам јавноста, го покачија ДДВ на над 2.000 прехранбени производи од 5 на 10 отсто и ни делеа нутриционистички совети дека голем дел од таа прехрана не била здрава, па затоа се покачува данокот. Апсолутно нема врска со вистината дека потрошувачката кошничка се намалила само за 57 денари. Да ги слушаа синдикатите и да имаа посериозна комуникација со нив, ќе знаеја дека тоа не е вистина, бидејќи цената за храната за 30 дена се намали за 965 денари, рече Стојановски.

Инаку, сличен ваков предлог со кој се бараше намалување на акцизата од 18 на 5 отсто и ослободување од оданочување на основните прехранбени производи пред две години поднесе политичката партија Алијанса за Албанците. Предлогот резултираше позитивно иако првично Владата беше скептична и одбиваше. Собранието донесе измени на законите за ДДВ и за акцизи како дел од пакетот антикризни мерки. Со овие измени ДДВ-то на основните прехранбени продукти се намали од 5 на 0 отсто, на енергенси од 18 отсто на 10 отсто и се намали акцизата на горивата согласно берзанските цени.

(А.С.)