Како изгледа украински Суми по крвавиот руски напад/ФОТО

132
EPA-EFE/STATE EMERGENCY SERVICE OF UKRAINE HANDOUT HANDOUT EDITORIAL USE ONLY/NO SALES

Две руски балистички проектили го погодија центарот на северниот украински град Суми во неделата, при што загинаа најмалку 34 лица, а беа ранети 117, во најсмртоносниот напад врз Украина оваа година, соопштија украинските власти.

Суми, со население од околу четвртина милион луѓе, кој се наоѓа на само 25 километри од руската граница, стана гарнизонски град откако украинските сили извршија упад во Русија од него во август минатата година.

EPA-EFE/STATE EMERGENCY SERVICE OF UKRAINE HANDOUT HANDOUT EDITORIAL USE ONLY/NO SALES

Градоначалникот на Суми, Артем Кобзар, објави тридневна жалост за жртвите кои почнуваат од денеска. Луѓето погодени од ракетите биле на улица, во автомобили, јавен превоз или згради, изјави министерот за внатрешни работи Ихор Клименко.

„Намерно убивање на цивили на важен црковен празник“, рече тој.

Русија негира дека цели на цивили, но илјадници се убиени и ранети во војната.

Нападот се случи неколку дена по ракетниот напад врз централниот украински град Криви Рог, родниот град на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој е далеку од линијата на фронтот на исток и југ. Во тој напад загинаа 20 лица, меѓу кои девет деца.

EPA-EFE/SUMY REGION PROSECUTOR’S OFFICE HANDOUT HANDOUT EDITORIAL USE ONLY/NO SALES

По нападот во неделата во Суми, Зеленски ги повика САД и Европа силно да одговорат на, како што рече, рускиот тероризам.

„Русија сака токму таков вид на терор и ја продолжува оваа војна. Без притисок врз агресорот, мирот не е можен. Преговорите никогаш не ги запреле балистичките ракети и воздушните бомби“, напиша Зеленски на социјалните мрежи.

Тој додаде дека меѓу ранетите во рускиот напад има и девојче кое е родено оваа година. Тој нагласи дека таа била ранета во вториот од двата руски напади на Суми.

Во рускиот напад на Суми загинаа две деца, а останатите 15 се повредени, според последните информации.

Меѓународната заедница го осуди рускиот ракетен напад во неделата.

EPA-EFE/STATE EMERGENCY SERVICE OF UKRAINE HANDOUT HANDOUT EDITORIAL USE ONLY/NO SALES

Рускиот напад врз Суми е еден од најсмртоносните оваа година во Украина.

„Како поранешен воен функционер, знам што се целни напади и тоа не е прифатливо“, објави американскиот пратеник за Украина Кит Келог на X, како што пренесе АФП.

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Русија ја продолжува војната „без почитување на човечките животи, меѓународното право и дипломатските понуди на претседателот Трамп“.

„Таа војна, сите знаат дека Русија беше единствената што ја сакаше. Денес е јасно дека Русија е единствената што избра да ја продолжи“, додаде тој во објавата на X.

„Потребни се силни мерки за да се наметне прекин на огнот на Русија. Франција, со своите партнери, неуморно работи на ова“, рече Макрон.

Британскиот премиер Кир Стармер рече дека е згрозен од нападот на Суми.

„Згрозен сум од ужасните напади на Русија врз цивилите во Суми и моите мисли се со жртвите и нивните најблиски“, објави тој на X. „Овој последен смртоносен напад е брутален потсетник за тековното крвопролевање што го спроведува Путин“, додаде тој, повикувајќи повторно Русија да се согласи на „целосен и непосреден“ прекин на огнот. Полската влада исто така го осуди „варварскиот“ руски напад врз Суми.

„Полска го осудува варварското истрелување на руски ракети врз Сума“, објави полското Министерство за надворешни работи на Х.

„Нападот врз цивилите на Цветници покажува дека целта на Русија не е мир, туку уништување на украинскиот народ“, додаде Министерството, изразувајќи сочувство до семејствата на жртвите.

„Страшен и кукавички руски напад“ на Суми го осуди и италијанскиот премиер Џорџа Мелони.

Германскиот канцелар Олаф Шолц го осуди „варварскиот напад“.

„Ваквите руски напади покажуваат што значи наводната желба на Русија за мир“, додаде германскиот лидер во изјавата, повикувајќи ја Русија „конечно да прифати сеопфатен прекин на огнот“.

ИЗДВОЕНИ