Како девојчето што го љубел папата Франциск во детството ја одреди судбината на Католичката црква

298

Аргентинката Амалија Дамонте според верувањето на многумина е жена која влијаела на судбината на католичката црква. Таа била младешка љубов на папата Франциск, а во сенка на неговото неодамнешно заминување медиумите деновиве ја откриваат нивната несреќна љубовна приказна која била прекината уште незапочната.

Хорхе Марио Бергољо, подоцна папа Франциск, кога имал 12 години се вљубил во сосетката Амалија Дамонте, која живеела само четири куќи подалеку од него, во скромната населба Флорес, во Буенос Аирес. Тој имал длабоки чувства кон неа, па ѝ напишал писмо кое подоцна ќе стане дел од црковната историја. „Ако не се оженам за тебе, ќе станам свештеник“, напишал младиот Хорхе во писмото во кое ставил и цртеж на бела куќа со црвен покрив, како асоцијација на нивниот иден дом. Амалија му одговорила, исто така со писмо, но нивната љубов иако чиста и обострана, немала иднина. Строгите родители на девојчето не гледале позитивно на таа детска романса.

-Татко ми ме претепа затоа што се осмелив да му напишам писмо на едно момче, се сеќава Амалија во интервју за „Асошиетед прес“.

Оваа реакција на родителите на Амалија го означила крајот на детската љубов, но и почетокот на духовното патување на младиот Бергољо.

По оваа случка семејството Бергољо се преселило од улицата „Мембрилар“. Амалија подоцна се омажила и создала свое семејство, а Хорхе… Тој, како што напишал во писмото, тргнал по патот на свештенството. Иако никогаш не се обиделе да го обноват контактот, Амалија од далечина го следела неговото движење низ црковната хиерархија.

– Беше големо, зрело, прекрасно момче. Игравме, игравме по тротоарите и по парковите. Тоа беше убаво време. И двајцата бевме скромни и се грижевме за сиромашните, бевме сродни души, се присетува Амалија.

Многумина веруваат дека ова рано искуство на отфрлена љубов го обликувало пристапот на папата кон водењето на Црквата. Неговата добро позната скромност, емпатија кон маргинализираните и способноста за разбирање на човечкото страдање, можеби влечат корени токму во ова младешко искуство. Таа трогателна приказна за отфрлена љубов се смета дека ги поставила темелите не само на духовниот пат на Франциск, туку и на Католичката црква со неговото поставување за папа.

Марија Елена Бергољо, сестра на папата, еднаш призна дека не сакала нејзиниот брат да стане папа поради „бескрајната осаменост“ што ја носи таа улога. Сепак, неговата трансформација од вљубено момче во духовен водач на 1,4 милијарди католици се покажа како патот по кој требало да оди.

А Амалија Дамонте, врсничка на папата, која сега има 88 години, често со насмевка се присетува на нивната младешка романса.

-За негова среќа, реков не, вели таа.

Нејзиното одбивање можеби бил клучниот момент што овозможил Хорхе Марио Бергољо да стане папа Франциск, прв латиноамерикански понтиф во историјата на Католичката црква.

ИЗДВОЕНИ