Како да се спречат говорот на омраза, екстремизмот и поларизацијата?

44

Како да се спречат говорот на омраза, екстремизмот и поларизацијата, беше темата на петтиот Глобален самит на Мрежата на силни градови во Кејптаун, Јужноафриканска Република, на кој меѓу другите присуствуваше и градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски.

Повеќе од 220 претставници од локални и национални влади, граѓанско општество, вклучувајќи градоначалници и други високи функционери од повеќе од 115 градови од 50 земји и пет континенти, дискутираа на тема како да се спречат говорот на омраза, екстремизмот и поларизацијата.

Беше претставена платформата за споделување иновативни пристапи за заштита на човековите права и зајакнување на социјалната кохезија во услови на последователни глобални кризи, како и начини за одржување на таквите напори.

-Градоначалникот Димитриевски ја претстави местоположбата на општина Куманово, етничката и национална структура на населението, приоритетните проблеми, со кои се соочува општината и можности за нивно решавање. Потенцираше дека нeгативните појави треба да се решаваат преку поголема соработка и координација на институциите на локално и централно ниво, истакнувајќи го подобрувањето на односите меѓу верските заедници и локалните власти, преку промовирање на иницијативи, кои ќе ги зближат различните заедници. Плодната дискусија се движеше во насока дека треба да бидеме транспарентни во справување со инциденти и промовирање на иницијативи кои ќе нè сплотат, со цел да обезбедиме инклузивна средина за сите – соопштија од Општина Куманово.

Димитриевски резимирал дека од особено значење е решавање на основните социо-економски разлики кои можат да ги влошат тензиите, повисоко ниво на соработка со верските заедници, соработка со невладини домашни и меѓународни организации, како и промовирање на толеранција и разбирање, споделување на пораки за единство, споделување на знаење и добри практики.

Глобалниот самит на Мрежата на силни градови го прикажува напредокот постигнат со имплементација на приоритетните области од четвртиот Самит, кој се одржа во Њујорк, во септември 2023 година.

 

ИЗДВОЕНИ