Претседателот на Советот на странски инвеститори, Виктор Мизо, повикува на брза реакција од државата за да конкуренцијата не ни ги земе странските инвеститори во земјава, особено оние во автомобилскиот сектор, кои и го прават најголемиот извоз. Во овие компании во земјава работат 40.000 работници. На почетокот на нивната работа во Македонија инвестирале вкупно 4 милијарди евра, а само лани вложиле 270 милиони евра. Со тоа што ќе им се помогне, ќе се спасат работните места на нашите граѓани.

Тој изјави дека со Владата немало разговори за евентуални мерки за помош на компаниите зафатени со кризата.

– Ако има такви мерки, тие би требало да бидат за задржување на работните места, а како тоа ќе се реализира треба да одлучи владата – нагласи Мизо во Стопанската комора, каде што вчера беа објавени резултатите од анкетата за 2024 година во која биле опфатени педесетте компании со странски инвеститори. 

За компаниите немањето доволен број на квалитетни работници, намалување на нарачките, зголемувањето на цената на репроматеријалите и компонентите, како и ризици по условите за водење на бизнисот, но и корупцијата, се некои од главните ризици. Тие се пожалиле и на  инфраструктурата во земјава и на неусогласените царински стапки за увоз на репроматеријали со оние во Европската Унија, поради што, како што навеле во анкетата, им ги прави нивните производи неконкурентни на европскиот пазар.

– Половина од овие компании или добиваат државна помош или се во процес на добивање на помош. На речиси сите им доцнела исплатата на државната помош. За 90 проценти од компаниите не се доволно јасни правилата за државна помош и затоа предлагаме да се формира посебно тело каде што ќе можат да најдат информации за сите промени на законите и правилата за работа во земјава – истакна Мизо.

Според него, посебното тело ќе функционира по системот „one stop shop“ и кое ќе ги има сите податоци за измените на законите во земјата, подобрување на исплатата на државната помош, олеснување на постапките за странските работници, како и брза реакција на случувањата во Европа.

Тој посочи дека за компаниите е проблем што минималната плата во Македонија се определува во март, а тие веќе ги имаат направено своите планови и буџети уште претходната година во септември или октомври.

Странските инвеститори очекуваат конечно  да се реши прашањето со неусогласените царински стапки со ЕУ  каде што се пласира најголемиот дел од производството. Мизо посочи дека царински стапки за увоз на репроматеријали и компоненти од азиските земји се меѓу 10 и 15 проценти, а во ЕУ се меѓу 0 и 2,7 проценти.

– Тоа креира голема разлика од она што го увезуваме со она што го произведуваме и извезуваме. Нашите производи стануваат неконкурентни за извоз во Европската унија и затоа бараме хармонизација на царинските стапки со европските – вели Мизо.

Од странските инвеститори посочија дека на долг рок намалувањето на царинските стапки ќе обезбедат добар прилив на пари во државниот буџет.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ