Во Велика Британија, минатата недела повеќе од 200 компании трајно се префрлија на четиридневна работна недела без намалување на платите. Кај нас, пак, со измените на Законот за работни односи по скратена постапка и без социјален дијалог, пред една година беше воведена можноста за работа над 60 часа во текот на работната недела, за работа на стратешки проекти. Против воведувањето 60-часовна работна недела, наспроти уставно гарантираните 40 часа, се изјаснија работниците, професорите по трудово право и сите синдикални организации во државата, како и меѓународните организации, европската и светската синдикална асоцијација
За разлика од Европа и од светот каде што сè поголем број компании преминуваат на четридневна работна недела, кај нас таа се продолжи на седум дена. Во Велика Британија, минатата недела повеќе од 200 компании трајно се префрлија на четиридневна работна недела без намалување на платите. Кај нас, пак, со измените на Законот за работни односи по скратена постапка и без социјален дијалог, пред една година беше воведена можноста за работа над 60 часа во текот на работната недела, за работа на стратешки проекти. Против воведувањето 60-часовна работна недела, наспроти досега уставно гарантираните 40 часа, се изјаснија работниците, професорите по трудово право и сите синдикални организации во државата, како и меѓународните организации, европската и светската синдикална асоцијација.
Сојузот на синдикати на Македонија поднесе иницијатива пред Уставниот суд за поништување на законските измени, но сето тоа не вроди со плод и оваа законска измена сè уште е на сила, спротивно на меѓународните трудови стандарди и на европското законодавство.
Европските трендови се во насока на намалување на работните часови, кратење на работната недела и воведување работна недела под 40 часа неделно. Во таа насока, и ССМ, во текот на преговорите за новиот Закон за работни односи, покрај другото, се залагаше и за воведување 35-часовна работна недела.
Во дел од земјите од Европа и од светот веќе се спроведени анализи и истражувања, кои покажуваат дека пократката работна недела многу подобро се одразува врз мотивираноста и продуктивноста на работниците, а со самото тоа, и врз добивката на работодавците.
– Ние, како земја аспирант за членство во ЕУ, треба да се залагаме за намалување на работната недела на седум работни часа дневно или четири работни дена во неделата, а не да се враќаме назад во историјата и да воведуваме експлоатација на работниците и работа во просек по 12 часа – изјави за весникот ВЕЧЕР Иван Пешевски, потпретседател на ССМ.
Експертите укажуваат дека работниците треба да се ангажираат со реално работно време во рамките на кое ќе можат да ги извршуваат своите работни задачи без последици и влошување на нивното здравје и без ризици од повреди или губење човечки животи.
ССМ изразува загриженост дека со зголемување на бројот на работни часови и денови во неделата се зголемува ризикот од несреќи, повреди и од смртни случаи на работа и дека се загрозува апликацијата на Македонија за влез во ЕУ, бидејќи предлозите се во спротивност со директивите за работно време на ЕУ.
– Продуктивноста на работниците е поврзана со условите за работа, со примената на современи средства за работа, техники и технологии, со здравите и безбедни работни услови, со соодветната плата за обезбедување егзистенција на работниците и нивните семејства, со почитувањето на принципите за пристојна работа, правото на одмор за обнова на работната сила и грижата за семејството. Само така работниците може да им бидат посветени на работата и лојални на работодавците. Во спротивно, сведоци сме на сè помасовен одлив на работна сила од земјава – вели Пешевски.
Експертите сметаат дека примената на електронските комуникации, дигитализацијата, како и новите техники и технологии во производствените процеси резултираат со постигнување поголема ефикасност во работењето и истовремено создаваат реална основа за намалување на работната недела на 35 часа.
Во Велика Британија, минатата недела повеќе од 200 компании трајно се префрлија на четиридневна работна недела без намалување на платите. Компаниите што се префрлија на четиридневна работна недела, заедно вработуваат повеќе од 5.000 луѓе.
Џо Рајл, директор на кампањата на Фондацијата „Четиридневна недела“, рече дека петдневната работна недела „е измислена пред 100 години и повеќе не е погодна за целта“. Наместо тоа, неговата организација се залага за четиридневна работна недела со иста плата и бенефиции како оние што работат пет дена од седум.
– Како што покажаа веќе стотици британски компании, четиридневната недела без намалување на платите може да биде добитна комбинација и за работниците и за работодавците – вели тој.
Повеќе работодавци во Европа се согласуваат со фактот дека четиридневна работна недела им дава на луѓето слобода да живеат посреќен и поисполнет живот.
(А.С.)