Кај нас иницијативата за бојкот спласнува, а во соседните земји се разгорува

107

Додека кај нас спласнува иницијативата за бојкот на маркетите, во соседните земји се разгорува. Во Хрватска почна еднонеделен бојкот на дел од маркетите откако Хрватите, незадоволни од цените, трет петок по ред ги бојкотираа продавниците во земјата. Во Србија, пак, по бојкотот на големите трговски синџири што се одржа во петокот, Здружението за заштита на потрошувачите „Ефектива“ ги повика граѓаните на нов подолг бојкот, кој ќе трае пет дена.

Кај нас, и покрај тоа што цените на некои производи се повисоки од соседните земји, граѓаните се оладија од бојкотот. Податоците од УЈП покажаа дека прометот во маркетите паднал само за 22 отсто во споредба со првиот бојкот, кога прометот опадна за 47 отсто.

Премиерот Христијан Мицкоски рече дека, освен маркетите, ќе се контролираат и други економски оператори, како аптеки и производи за бела техника.

– Не може некои производи во соседните земји да бидат два-три пати поевтини отколку кај нас, а се работи за ист производ од ист производител и со иста царинска стапка – изјави Мицкоски.

Тој рече дека ги разбира граѓаните и го разбира нивниот револт за бојкот на маркетите, поради високите цени на производите, но смета дека решението треба да се бара со разговор на сите засегнати страни.

– Доколку гледаме дека едната страна не почитува договор, тогаш мора да интервенираме. Ние не сакаме со „интервенционализам“ да водиме политика, сакаме со дијалог да бараме решение. Се обидовме пред Нова година, но знаете како заврши тоа. Поради тоа се наруши довербата помеѓу Владата и трговците – додаде Мицкоски.

Првите анализи на Државниот пазарен инспекторат, како што објавија некои од медиумите, покажале дека од 20 и 35 проценти изнесувала трговската маржа што се пресметувала на бебешката храна, опремата за бебиња, хемиските производи и детергентите за домаќинство. Поинаку кажано, ако увозната цена на некој производ е 1.000 денари, при самото дистрибуирање до маркетите и продажните места, таа оди со цена од 1.350 денари.

Годишната инфлација што ја измери Статистика за декември изнесува 4,4 отсто. Најмногу поскапел зеленчукот – за над 12 проценти. Имало двоцифрен раст и на цените на минералната вода, безалкохолните пијалаци и на овошните сокови. Маслото поскапило за 11,7 отсто, а слично поскапување било регистрирано и кај кафето, чајот и какаото – од 11,5 отсто. Освен храната, има повисоки цени и во аптеките и кај апаратите за домаќинство и кај техниката.

И додека се чека новата статистичка пресметка на инфлацијата, пресметката на синдикалната потрошувачка кошничка покажа дека трошоците на едно семејство во јануари се покачиле за 391 денари, односно за четиричлено семејство таа чини 1.050 евра.

Владата ја оспори пресметката и предложи нов начин на пресметување, кое со години го прави синдикатот, за да ја најде финансиската граница за преживување над линијата на сиромаштијата.

ИЗДВОЕНИ