На 25 ноември, „Боренка“ заедно со Триглав, пријатели и верни поддржувачи, се упатува кон срцето на Североисточниот регион еден од најзначајните природни и културни локации на Македонија – Кокино. Таму ќе се пошумува опожарена површина и враќање на нејзината боја поради што ќе се засадат стотици садници, како симбол на надеж, обнова и нашата заедничка борба против последиците од климатските промени.

Општествено одговорната Триглав во текот на 2024 година овозможи четири едукативни работилници за деца на тема заштита на животната средина од шумски пожари, каде тие со помош на изгорено дрво – јагленче нацртаа стебла и ги засадија во виртуелна шума,  на Кокино посадија повеќе од 2000 садници.

„Боренка“ во 2022 започна како одговор на страшните пожари кои ја опустошија нашата земја две години претходно и уништија десетици илјади хектари шуми, оставајќи зад себе само црни површини.

– Со вакви големи природни катастрофи, речиси е невозможно природата да се обнови самата себе. Сојузот на извидници на Македонија во соработка со Национални шуми досега имаат организирано 14 Боренка акции за пошумување, посадено повеќе од 55.000 садници, вклучено повеќе од 2000 волонтери, пошумено 14+ хектари опожарена површина, а преку 80+ едукативни работилници има вклучено повеќе од 10.000 деца од повеќе од 40 основни училишта низ земјава – велат од „Боренка“.

Целта на „Боренка“ е преку волонтерски ангажман, вклучување на локалната заедница, спонзори и општествено одговорни компании, зазеленување на опустошените шумски области во земјава.

Денеска, пак, се пошумуваше опожарена површина од пред неколку години во атарот на село Кучково, општина Ѓорче Петров. Во акцијата учествуваа екипи на ЈП „Македонски шуми“, општинската администрација, раководството на компанијата Адинг и градоначалникот на општината Александар Стојкоски.

На површина од 20 хектари беа засадени 40.000 садници од црн бор, чемпрес и јасен, со што се поставува основа за враќање на природната вегетација и заштита на биодиверзитетот. Градоначалникот Стојкоски изјави дека оваа акција е дел од поголемите заложби на општината за одржлив развој и грижа за животната средина:

– Пошумувањето не е само обврска, туку инвестиција во иднината на нашата заедница. Благодарност до сите кои се вклучија и покажаа дека заедно можеме да постигнеме големи резултати. Опожарените површини во атарот на Кучково, кои со години беа еколошки проблем, сега добиваат нов живот благодарение на заедничкиот ангажман на локалните власти, институциите и приватниот сектор. Оваа акција е доказ за тоа како преку соработка може да се постигне значителна промена во насока на зачувување и обновување на природата. Општина Ѓорче Петров ќе продолжи со вакви иницијативи, кои имаат за цел да го направат регионот позелено и поздраво место за живеење – рече Стојкоски.