Цената на кафето на светскиот пазар достигна највисоко ниво во речиси пет децении. Тоа е последица на лошите временски услови, климатските промени и – царините што ги најави Доналд Трамп.

Арабика, најраспространетиот вид кафе, моментално се тргува по рекордни 320,10 американски центи за фунта на Њујоршката берза. Ова е највисоката цена од 1977 година.

Една од клучните причини за драстичното поскапување на кафето се неповолните временски услови во Бразил, најголемиот светски производител на кафе. Земјата, која доминира на глобалниот пазар на зрната Арабика, оваа година се соочи со екстремна суша. Ваквите услови не само што ги намалуваат сегашните приноси, туку и создаваат несигурност за идните сезони на жетва, што дополнително ги зголемува цените на берзата.

Климатските промени имаат се поголемо влијание врз одгледувањето кафе. Од нив особено е погодена сортата арабика, која е почувствителна на температурни промени и суша во споредба со робуста. Бидејќи побарувачката за кафе не се намалува и понудата е ограничена, пазарот доживува значителни нарушувања.