Сезоната во Формула 1 заврши, па време е за кратка ретроспектива, барем кога е во прашање за најголемиот тим во овој спорт – екипата на Ферари.
Тимот од Маранело беше на прагот на успех, но неколку грешки и несреќни околности ги чинеа титулата светски шампион. На крајот разликата беше само 14 бодови во генералниот пласман кај конструкторите, оставајќи го италијанскиот тим да размислува за пропуштените прилики.
Италијанскиот тим бележи значителен напредок во претходните 18 месеци, но сепак клучните моменти во сезоната покажаа дека тимот е сè уште ранлив кога е во прашање борбата за самиот врв.
Додека во 2023 година успеаја да ја прекинат доминацијата на Ред Бул со победата на Карлос Саинц во Сингапур, сезоната 2024 донесе нов предизвик.
Токму тимот на Мекларен направи голем чекор напред по Големата награда на Мајами. И покрај навистина добриот крај на сезоната, Ферари сепак не успеа да ја надополни бодовна негатива.
Токму поради тоа направивме листа од четири клучни моменти кои можеби го чинеа Ферари – титула.
Канада: Двојно откажување
Големата награда на Канада го одбележа еден од најтешките викенди за Ферари во последните две години. И двајцата возачи, Шарл Леклер и Карлос Саинц, отпаднаа уште во вториот дел од квалификациите, завршувајќи на 11-то и 12-тото место. Ситуацијата дополнително се влоши во трката – Леклер се повлече поради проблеми со електрониката на погонската единица, додека Саинц изгуби контрола на влажна патека и се судри со Алекс Албон. Тимскиот шеф Фред Васер го опиша тој викенд како момент кога ги имале „сите проблеми на светот“.
Шпанија: Новиот под го воведува Ферари во развојен хаос
Обидот да се опорави од разочарувањето во Канада доведе до нови проблеми. Ферари воведе нов под на шпанското ГП, но се покажа дека тоа предизвика болидот да отскокнува во брзите свиоци. Ова не само што ги намали перформансите, туку и го наруши планот за развој на тимот. Тимот од Маранело мораше да ги жртвува поставките за болидот и тест решенијата на следните трки, што дополнително ја зголеми предноста на Мекларен.
Баку: Судир меѓу Саинц и Перез
По навистина специјалната победа на Леклер на нивната домашна трка во Италија, Ферари покажа потенцијал во Азербејџан на патеки во кои доминираа брзината и тракцијата. Сепак, потенцијалниот подиум на Саинц во Баку беше скршен по судирот со Серхио Перез на крајот на трката. Инцидентот го чинеше Ферари клучни 15 бодови, додека возачот на Мекларен, Ландо Норис, профитираше дополнителни четири бода.
Сингапур: Катастрофа во квалификациите
Сингапур, патеката што им ја донесе единствената победа во 2023 година, понуди шанса за уште една победа. Сепак, викендот тргна наопаку во квалификациите. Саинц излета од патеката и удри во ѕид за време на последната рунда од квалификациите, а Леклер не успеа ниту да постави време во целиот тој хаос. Стартот од петтата стартна линија ги остави далеку зад лидерите, па трката ја завршија на петтото и седмото место, додека Норис однесе нова победа за Мекларен.
Овие несреќи, заедно со дополнителните проблеми како излетувањето на Саинц во Бразил и доминантниот настап на Мерцедес во Лас Вегас, оставија премногу работа за Ферари во последните фази од сезоната.
Иако грешките на Пјастри и Норис во Катар и Абу Даби накратко ги доведоа до титулата, Скудерија остана на само еден чекор од успехот, сепак, залудно.