Кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски го демантираше написот на британскиот „Економист“ дека Зеленски се подготвува да се кандидира за втор мандат на претседателските избори во јули.
Канцеларијата демантираше и дека Зеленски одржал состанок за изборите во јули, на кој наводно, според Економист, му дал наредба на неговиот тим да ги организира изборите, пренесе Униан.
Извор од украинската влада изјави дека сега главното прашање е постигнувањето мир и дека е целосно лажно дека подготовките за изборите веќе се во тек.
Извор од тимот на поранешниот украински претседател Петро Порошенко изјави дека практично нема шанси да се стави крај на војната и да се одржат избори.
Шефот на Централната изборна комисија на Украина, Олег Диденко, изјави дека, според сегашното законодавство, Врховната Рада мора да донесе одлука за закажување претседателски избори во рок од еден месец по завршувањето на воената состојба.
Економист: Велигден, веројатниот датум за прекин на огнот
„Економист“, повикувајќи се на извори од украинската влада, најави дека претседателските избори во Украина би можеле да се одржат уште ова лето, а Зеленски има намера да се кандидира за втор мандат.
Според неименувани извори, Зеленски свикал состанок минатата недела за да му наложи на својот тим да организира гласање по целосниот прекин на огнот, за кој Американците веруваат дека може да се спроведе до крајот на април.
Весникот го наведува Велигден, 20 април, како веројатен датум за прекин на огнот.
„Економист“ забележува дека гласањето за продолжување на воената состојба, кое истекува на 8 мај, е закажано за 5 мај во парламентот.