Објавена е првата рецензија за најновиот роман на Венко Андоновски, „Папокот на светлината“, кој за помалку од еден месец по промоцијата на првото, веќе доживеа второ издание. Критичкиот одглас за романот на Андоновски е на универзитетската професорка и книжевна критичарка, водечки познавач на современата македонска книжевност, Весна Мојсова-Чепишевска.

 „За да не нѐ доживува останатиот свет како книжевност која постојано преџвакува една иста локална приказна, мора да се изнајде пат на кој ќе останеме свои на своето и во чии рамки ќе говориме за една универзална тема со цел да нѐ разберат и другите/останатите. Впрочем тоа е природна потреба на секоја книжевност која не сака да умре. Овој најнов роман на Андоновски држи до таа девиза да се остане свој на своето преку универзалната тема за бесмртноста, верноста, суетата, гревот, зависта… И зашто тој не е ’веќе писател што сака да им се допадне на другите’, и зашто тој е ’лепослов што е служител само на Убавината, а каде е Убавината, таму е Вистината, Он.’“

Осврнувајќи се на „Папокот на светлината“, таа, како одличен познавач на опусот на Венко Андоновски, го коментира и претходното негово прозно творештво, од збирката раскази „Фрески и гротески“ објавена пред триесет години, преку „Папокот на светот“ објавен пред две децении до денес. Притоа и напоменува дека токму таму каде што заврши неговиот романот „Азбуката за непослушните“ започна „Папокот на светот“, објавен пред дваесет години.

– Потоа со секој нареден роман, Андоновски останува верен на концептот за нов начин на читање, за некоја друга, нова игра со читателот. Читателот на „Папокот на светот“ е ставен во центарот на вниманието. И читателот на најновиот, „Папокот на светлината“, е читател кој не е ни пасивен консумент ниту, пак, е надвор од самото дело (од романот/од приказната), туку е оној кој ја чита книгата, но и оној кој ја составува приказната, кој презема дел од писателовата улога, кој израснува во коавтор, истакнува Мојсова-Чепишевска.

Таа во рецензијата и го отвора прашањето дали со зборови припишани на еден од ликовите, во овој најнов негов роман, Андоновски не развива и еден носталгичен однос кон старата добра форма на книга. Дали по малку не го покажува и својот страв од целосното исчезнување на книгата? И додека некој го фасцинира идејата „дека во едно чипче со големина сантиметар на сантиметар може да се „зипува“ сето знаење на светот“, него отсекогаш го фасцинирало „како во една книга, со димензии 15 x 21 сантиметри, може да се настани и сохрани цела една душа“, нагласува истакнатата книжевна критичарка.

– Венко Андоновски и во најновиот роман го доживуваме и како вистински магионичар кој од својот шешир вади некој демон, како што тоа го направи многу вешто во „Папокот на светот“ со пајакот, или со тоа што се повикуваше на некој претходен автор на тајниот запис. Само што сме помислиле дека тајната е одгатната, тој вади нови аргументи за некој друг автор кој претходи на веќе откриениот. И така влетуваме во лавиринт од автори. Притоа, тој извлечен демон или автор-претходник (првичен автор) не се однесува пасивно, не го слуша „магионичарот“ и не се враќа лесно во шеширот. Тој само ја продолжува напнатоста, ја засилува неизвесноста. На оваа техника ѝ остана верен и по дваесет години од „Папокот на светот“ во најновиот „Папокот на светлината“ – нагласува Мојсова-Чепишевска, осврнувајќи се на некои од особеностите на „Папокот на светлината“ и на ликовите во него.

Во рецензијата, истакнатата книжевна критичарка напоменува дека и во овој роман доминира бројот три како и во првиот, при што се осврнува на трите приказни во „Папокот на светлината“. Првата е монолошки организирана и се чита како исповед на еден писател – има функција на монодрама. Втората е развиена низ две гледни точки на два женски лика, и според Мојсова-Чепишевска како структура го го има ехото на „Пиреј“ од Петре М. Андреевски.  Во неа, според критичарката, како целосно да е имплемтирана тезата од прочуената книга на Мартин Бубер „Јас и ти“: „Јас настанувам во допирот со Ти, настанувајќи јас, јас говорам Ти. Целиот вистински живот е средба.“ Дијалогот што е основата на втората приказна, како што истакнува Мојсова-Чепишевска станува услов за да се развие и третата, која е најобемна и го носи насловот и на целиот роман.

Осврнувајќи се и на одделни делови од романот, Мојсова-Чепишевска нагласува:

– Дијалогот меѓу ЈАС КАКО ЈАС и ЈАС КАКО ТОЈ се развива низ филозофијата на Бахтиновиот дијалогизам и прераснува во онаа философска гозба (симпозиум) на големиот антички философ и писател Платон. Философската гозба своја предигра има и во првиот и вториот дел, а кулминира и во една дионизиска атмосфера во третиот. Така авторот Андоновски преку своите ликови разговара за и со Ками, Кафка, Фром, Рембо, Мериме, Достоевски, Мукаржовски, Епштејн, Бахтин, Шопенхауер, Дерида, Слотердајк, Шпенглер, со Агата Кристи, Стивен Хокинг и Бил Гејтс, но и со Бекер, К. Пенушлиски, Б. Конески, Г. Стефановски (иако овие последниве двајца не се споменати со име и презиме, ама…) … Симпозиумот од сите три дела се насочува со поглед кон целината на животот, на постоењето, на смислата на егзистенцијата, и тоа токму низ призмата на непрекинатиот, поттикнувачки сеприсутен и севремен дијалог. А третиот дел е во сериозен дијалог и со егзитенцијалистичкото писмо на Димитар Солев, особено со она од неговиот роман „Кратката пролет на Моно Самоников“.

Во рецензијата, Мојсова-Чепишевска пристапува кон микрочитање на романот, во кое едновремено се присутни и книжевната теорија, и културологијата, но и историјата на светската книжевност, преку бројни компаративни исчитувања на најновиот роман на Андоновски.

– И романот „Папокот на светлината“, продолжувајќи ја линијата на „Папокот на светот“, е еден тип на романсиерско раскажување кое креативно го пренесува митот за пеколот (ѓаволот) во секојдневното живеење без разлика што тоа трае само секунда и таа е позната како секунда на ѓаволот. Но, ја дава и сликата на избавувањето од тој пекол кога поентира: „… сѐ што човек треба да стори е да запали кандилце, да си земе оганче и виделина од тоа големо кандило, и да си го сохрани и одржува во својот дом“, како во песната на Влатко Стефановски „Кандилце“, нагласува меѓу другото водечкиот познавач на современата македонска книжевност, Мојсова-Чепишевска во своите оцени за најновиот роман на Венко Андоновски.

 Инаку, со беседа на Весна Мојсова-Чепишевска за дотогашното творештво на Венко Андоновски, во декември минатата година започна и големата промоција на романот „Папокот на светлината“. Нејзината рецензија е прв одглас на македонската книжевна критика за ова прозно остварување на Андоновски.