Публиката на 10 октомври ќе има можност да ужива во атрактивен концерт на Македонската филхармонија. Премиерно ќе биде изведено делото „Шест едноставни песни“ за сопран и оркестар и Лид на Мариета од операта „Мртвиот град“ од Ерих Корнголд, симфонијата во четири сцени „Манфред“ од Петар Илич Чајковски, а светска премиера ќе има и симфониската поема „Јубилејна фантазија“ од македонскиот композитор Борис Светиев  

 

Со концертот насловен „Го славиме јубилејот“ на кој како солист ќе настапи нашата светски позната оперска певица, сопранистката Ана Дурловски, под диригентската палка на шеф диригентот, маестро Јерухам Шаровски од Израел, в четврток (10 октомври) во 20 ч. ќе биде отворена новата, роденденска сезона на Македонската филхармонија насловена „Одисеја“.

Присутната публика ќе има можност да ужива во атрактивна програма. Во рамките на концертот премиерно ќе биде изведено делото „Шест едноставни песни“ за сопран и оркестар и Лид на Мариета од операта „Мртвиот град“ од Ерих Корнголд, симфонијата во четири сцени „Манфред“ од Петар Илич Чајковски, а светска премиера ќе има и симфониската поема „Јубилејна фантазија“ од македонскиот композитор Борис Светиев.

„Поготовките на концертот се во тек и сметам дека ќе имаме реализација на одличен концерт кој на најдобар начин ќе ја најави нашата нова сезона во која ќе прославиме осумдесет години од формирањето како најстара институција во државата. Целата сезона е внимателно подготвена, ќе настапат најдобрите македонски, но и странски солисти и диргенти, ќе бидат изведени капитални дела, како и дела на домашни автори“, посочи Александар Котевски, в.д. директор на Македонската филхармонија.

Маестро Јерухам Шаровски од Израел, кој има долга историја на соработка со оркестарот на Македонската филхармонија, со која активно настапува од 2003, посочи дека има одличен флуид и енергија при подготвување на програмата.

„Со вашиот оркестар имам посебна порзаност и секогаш сум среќен кога доаѓам тука на концерти. Имате навистина посебен оркестар, посветени музичари кои имаат искра која може да ја почувствува и публиката. Со Александар Котевски се познаваме долго. Тој е одличен инструменталист, позветен и амбициозен менаџер. Сигурен сум дека со неговиот талент и енергија и мојата посветеност ќе постигнеме многу во оваа јубилејна сезона и ќе успееме да реализираме и заеднички турнеи, аудио записи и ќе достигнеме високи цели“, истакна меѓудругото Шаровски. Тој ја пофали и Дурловски за која кажа дека е најдобрата оперска пејачка со која досега имал можност да соработува.

“Почестена сум и среќна што сум дел од овој концерт. Овој оркестар е моето срце, со него се врзани и моите почетоци. Првиот настап го имав токму со Македонската филхармонија во програмата „Млади таленти“. За оваа пригода одбравме специфична и интимна програма со дело во кое музички е илустриран најубавиот момент на смрт и разделба. На концертот ќе прозвучат четири песни од циклусот „Шест едноставни песни“ од Корноголд, кои, мене лично ми се омилени парчиња од оперската литература“, додаде Дурловски.

Симболиката на новата концертна сезона насловена „Одисеја“, се надоврзува на осумдесетте години активно музицирање на оркестарот и преку поднасловот – патување исполнето со музички авантури и предизвици.

Веќе на 17 октомври љубителите на класичната музика ќе имат можност да го проследат концертот „Озвучени емоции“ со  францускиот пијанист Лука Дебарг под диригентската палка на маестра Бар Авни од Израел. Во рамките на програмата ќе бидат изведени делата на Шопен и Стравински. На крајот од месецот, поточно на 31. октомври на репертоарот е концертот насловен „Пијанизам хероизам“ со рускиот пијанист Петер Лаул под диригентската палка на Конрад Ван Алфен од Холандија.

На сцената, заедно со оркестарот на Македонската филхармонија во новата роденденска сезона ќе настапат и извонредниот виолинист Сергеј Малов кој воедно ќе се претстави како солист и диригент на концертот на 7 ноември, Роберт Бонфиљо – усна хармоника (САД), виолончелистката Моника Лесковар од Хрватска, виолинистката Алена Баева- Казахстан/Луксембург. Ќе го видиме и нашиот диригент Борјан Цанев, маестро Лубнан Баалбаки од Либан и Емил Табаков од Бугарија.

И во вториот дел од сезоната, од јануари до јуни 2025-та  ќе настапат исклучителни солисти и диригенти, како виолинистот Марк Бучков од Белгија, врвната Селина От (труба) од Австрија, еден од најдобрите пијанисти на денешнината – Дмитри Маслеев од Русија и др. На Велигденскиот концерт, насловен „Per aspera ad astra“ за првпат во Македонија ќе прозвучи Големата миса во це-мол од Моцарт. (Д.Т.)

Фото: Ѕ. Плавевски