Мнозинството од Канаѓаните сметаат дека нивната држава не треба да плаќа за безбедноста за принцот Хари и неговата сопруга Меган Маркл, кои се преселија во канадската провинција Британска Колумбија.
Според испитување на Си-Tи-Ви, 77 отсто од луѓето се против тоа – канадските даночни обврзници да плаќаат за војводата и војвотката од Сасекс, откако тие во Канада не престојуваат во својство на претставници на кралицата. Само 19 отсто од испитаниците не се против идејата земјата да преземе дел од расходите за сигурноста на благородниците.
Канада е парламентарна монархија, а кралицата Елизабета Втора е врховна владетелка на државата.
Сè уште нема официјално известување за тоа – кој ќе ги покрие тие трошоци, откако Хари и Меган најавија напуштање на кралските задолженија. Канадските власти само посочуваат дека разговорите се во тек.
Повеќе од две третини од Канаѓаните сметаат двојката и нивното бебе ќе бидат повеќе почитувани во Канада, отколку во Велика Британија.
Хари и Меган сега живеат во Викторија, на островот Ванкувер. И, не допуштаат никакви ризици – минатиот месец издадоа законско предупредување кон медиумите поради снимки од војвотката и нејзиниот малолетен син Арчи. Адвокатите тврдат оти снимките се направени без согласност на Меган.
Од друга страна, според испитувањето, само 32 отсто од луѓето се за натамошна зависност од британското кралско семејство и статусот на Канада како уставна монархија. Натаму, 28 отсто само донекаде го поддржуваат тоа, а дури 35 насто се против врските со британската држава.
Истражувањето е спроведено по телефон и на интернет, на примерок од 1.003 жители и можна грешка од 3,1 отсто.