Хрватското Министерство за внатрешни работи постави камери со голем дострел на планинскиот граничен премин со Босна и Херцеговина, кај Илиќа Брдо и Крушевица во регионот Вргорје.
Како што пишува Независне новине, МВР го искористило неодамна изградениот противпожарен пат на „Хрватски шуми“ за да ја зголеми контролата и да спречи нелегален шверц на мигранти и стока во околината, а од претходно се зборувало дека макадамскиот пат од Луково до Крушевица и Врлосиње делумно се градел за потребите на надзорот на државната граница. Во Крушевица е изградено постолје за термовизиска и дневно-ноќна камера со долг дострел и дневна-ноќна камера која ќе биде поврзана со локалниот координативен центар ( ЗСК).
Бидејќи Сплитско-Далматинската полиција, која е надлежна за тој простор не открила за „Слобода Далмација“ за каков тип на камера се работи, по дознавањето за сличен систем инсталиран на Илиќа Брдо кај Вргорац, се претпоставува дека се работи за уреди кои при многу добри временски услови, според техничките спецификации во тендерот, можат да откријат возило на оддалеченост од 20 километри и повеќе, а луѓе на 15 километри. Со новите камери ќе биде надгледувано движењето во повеќе погранични села.
Досега МВР на овие простори користело дрон кој прелетувал површина од 920 метри и ја снимал ситуацијата. Овие камери кои снимаат надалеку се поставени и покрај тоа што низ целиот регион долж државната граница се распоредени и десетици мали камери на шумски патеки и некласифицирани патишта.
Сега, на мака се не само шверцерите, кои се и причина за поставување на камерите, туку и љубовџиите. Многу млади парови, но и постари кои се во потрага по авантура, сега избегнуваат да водат љубов во автомобил, сокриени по полињата и шумските чистини покрај границата, како што правеле порано.
-Се работи за стационарен систем за видеонадзор кој се користи за подигање на ситуациската свест и откривање на непосредни закани, односно прекршување на државната граница, а има и превентивна, односно одвраќачка функција. Тоа е систем со долг дострел, чии видео снимки се следат преку оперативна Полициската станица за гранична патрола Вргорац, која обезбедува непречен и брз проток на информации до директните извршители на терен, соопшти Сплитско-далматинската полиција, додавајќи дека тој систем е формиран во Крушевица.
Тоа подигање на свеста за кое зборува полицијата очигледно ги освестило и младите парови кои немаат на располагање слободен стан, но и швалерите. Сега, како што пишува „Слободна Далмација“ тие се принудени да се повлечат во внатрешноста на регионот Вргорска Краина, каде што сè уште не се под надзор на „Големиот брат“.