Јужнокорејскиот претседател најави укинување на вонредната состојба и повлекување на војската

128
Фото: EPA-EFE/Ahn Young-joon / POOL

Јужнокорејскиот претседател Џун Сук-јеол изјави вечерва дека вонредната состојба што ја прогласи во текот на денот ќе биде укината и додаде дека воените сили распоредени во Сеул ќе бидат повлечени.

Претходно, парламентот, во кој доминираше опозицијата, ја отфрли неговата одлука за воведување вонредна состојба.

„Во парламентот беше изгласано барање за укинување на вонредната состојба, така што ги повлекуваме војниците кои беа распоредени за операциите за вонредна состојба“, рече Џун на телевизија.

„Ќе го исполниме барањето на парламентот и ќе ја укинеме вонредната состојба за време на владината седница“, додаде јужнокорејскиот претседател.

Јун претходно денеска прогласи вонредна состојба, обвинувајќи ја опозицијата дека го контролира парламентот, сочувствува со Северна Кореја и ја осакати владата со антидржавни активности.

Овој потег наиде на непосреден отпор од политичарите, вклучително и на лидерот на неговата конзервативна партија, Хан Донг-хун, кој ја нарече одлуката погрешна и вети дека ќе ја запре.