Јуни прогласен за најтопол месец во иторијата, а експертите за наредните години најавуваат почести, подолги и пожешки топлотни бранови

8499

Во некои делови температурите во јуни надминаа и 50 Целзиусови степени. Во Саудиска Арабија за време на аџилакот во Мека измерена е температура од 51,8 Целзиусови степени, од што загинаа најмалку 1.300 аџии. И во Индија, во периодот меѓу 1 март и 18 јуни од жештините настрадале најмалку 110 луѓе. Топлотните бранови не ги заобиколија ни медитеранските земји. Високите температури беа производ на климатскиот феномен „Ел Нињо“, кој веќе го достигна својот врв и сега нè очекува неговата спротивност „Ла Ниња“, која носи заладување. Но, нема многу простор за оптимизам, зашто научникот на „Коперникус“, Жилиен Никола, за АФП вели дека наспроти развојот на „Ла Ниња“, оваа година би можела да биде потопла од минатата

 

Уште непочнато ова лето ги урна сите досегашни температурни рекорди. Нема да нè изненади ако податоците за јули покажат дека тој тренд продолжува.

Според информациите на официјалната организација за следење на климатските промени во рамки на Европската Унија, „Коперникус“, овој јуни е најтоплиот месец во историјата на светот.  И не само тоа, јуни е 13. месец по ред со рекордно високи температури. Според експертите, во јуни се евидентирани широко распространети и продолжени топлотни бранови во многу земји, со големи влијанија врз сите аспекти од животот на луѓето. Во некои делови температурите во јуни надминаа и 50 Целзиусови степени. На пример во Саудиска Арабија за време на аџилакот во Мека измерена е температура од 51,8 Целзиусови степени, од што загинаа најмалку 1.300 аџии. И во Индија, во периодот меѓу 1 март и 18 јуни, од жештините настрадале најмалку 110 луѓе. Топлотните бранови не ги заобиколија ни медитеранските земји.

Во Европа, евидентира „Коперникус“, температурите биле најмногу над просекот  во југоисточните региони и Турција, а блиску или под просекот во западна Европа, Исланд и северозападна Русија. Надвор од Европа, натпросечни температури се регистрирани во источна Канада, западниот дел на САД и Мексико, Бразил, северен Сибир, Блискиот Исток, северна Африка и западниот дел на Антарктикот.

Според извештајот на Коперникус, во светот во изминатата една година, секој месец е забележано зголемување на температурата од 1,5 Целзиусови степени (2,7 Фаренхајди) во однос на прединдустриската ера меѓу 1850. и 1900. година. Во големата анкета која годинава ја спроведе Гардијан стотини водечки светски стручњаци за климатски промени  предвидуваат дека таа бројка до крајот на веков ќе скокне на најмалку 2,5 Целзиусови степени, а некои и до 3.

На четири континенти смртоносните жештини одземаат животи. Но, експертите велат дека тоа е само почеток, зашто топлотните бранови ќе бидат почести, подолги и поврели. Температурите за периодот меѓу јули 2023 и јуни 2024 година беа најголеми кога било забележани. Во тој период светот беше за 1,64 Целзиусови степени  потопол отколку во прединдустрискиот период, а како главен виновник за оваа состојба се посочува човекот , кој е директно одговорен за сечата на шумите, согорувањето јаглен, гас или нафта.

Истовремено климатските промени предизвикаа голем број поплави ширум светот, а горештините предизвикаа смртоносни пожари. Жителите на Балканот, пак, освен со изгор лето се соочија и со суперклеточни бури.

Високите температури беа производ на климатскиот феномен „Ел Нињо“, кој веќе го достигна својот врв и сега нè очекува неговата спротивност „Ла Ниња“, која носи заладување. Но, нема многу простор за оптимизам, зашто научникот на Коперникус, Жилиен Никола за АФП вели дека наспроти развојот на „Ла Ниња“, оваа година би можела да биде потопла од минатата.