Сите очекуваа минатото лето Виктор Осимен да го напушти Наполи и да ја продолжи кариерата во голем клуб. Најмногу преговараше со Челзи, но трансферот пропадна и тој замина на позајмица во Галатасарај. Таму ќе биде до крајот на сезоната, а јасно е дека следната сезона нема да го носи дресот на екипата од Турција, ниту на Наполи, па се чека да видиме каде ќе ја продолжи кариерата.
Според странските медиуми, Осимен се договорил за сè и наводно потпишал со Манчестер Јунајтед, па во јуни ќе стане нов играч на „црвените ѓаволи“.
Имаше прашање дали управата на Јунајтед може да му ја понуди платата што ја сака, но наводно брзо биле договорени личните услови.
Откриени се и детали за тоа колку Наполи ќе заработи од продажбата на најдобриот стрелец. Имено, Манчестер за Осимен на Наполи ќе му плати 60 милиони евра, а со тимот од Олд Трафорд ќе потпише петгодишен договор.
Иако имаше откупна клаузула од 75 милиони евра, Наполи наводно се согласил да ја намали цената на 60 милиони евра.
Кога станува збор за платата, Осимен во Англија би требало да заработува 15 милиони евра годишно.
Тоа би требало да значи дека Расмус Хојлунд го напушта Олд Трафорд на крајот на сезоната, а Зиркзе треба да остане како резервна опција на Осимен.
На радарот на Манчестер Јунајтед беа и Лиам Делап, Жан-Филип Матета и Оли Воткинс, но Осимен беше прв избор.
Исто така, јасно е дека доаѓањето на Осимен нема да биде единственото, бидејќи тренерот Аморим бара да потпише уште неколку засилувања за следната сезона.