Јулија Клокнер, поранешна министерка за земјоделство, избрана за претседател на германскиот парламент

105
Фото: EPA-EFE/CLEMENS BILAN

Новиот германски парламент ја избра поранешната министерка за земјоделство Јулија Клокнер за свој претседател, пренесува Бета.

Тоа беше предложено од идниот канцелар Фридрих Мерц, чиј конзервативен блок освои најмногу гласови на парламентарните избори одржани на 23 февруари.

Функцијата претседател на парламентот е втора функција во земјата, по претседателот на државата и пред канцеларката, а традиционално „припаѓа“ на групата која доби најмногу гласови во Долниот дом на парламентот – Бундестагот.

Јулија Клокнер (52) беше министерка за земјоделство од 2018 до 2021 година во последната влада на тогашната канцеларка Ангела Меркел. Пратениците денеска ја избраа со 382 гласа за, 204 против и 31 воздржан.

По гласањето таа на пратениците им вети дека ќе ја извршува својата должност „натпартиски, мирно и непоколебливо“.

Атмосферата во Бундестагот стана понапната откако екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (AfD) првпат освои пратенички места во 2017 година, а на последните избори беше на второто место по сила, со 152 од 630 места.

„За мене постои многу јасен репер, а тоа е пристојноста. Ќе се погрижам да се однесуваме еден со друг на цивилизиран начин – а ако не го правиме тоа, да научиме да бидеме такви“, рече Јулија Клокнер.

Се уште не се знае кога ќе биде избрана новата влада.

Мерц сè уште е во преговори за формирање коалиција со централно-левичарските социјалдемократи на канцеларот во заминување Олаф Шолц. Неговата партија нагласи дека е поважно да се постигне соодветен коалициски договор отколку да се забрза процесот.

Шолц и неговиот кабинет во текот на денот ќе добијат потврда за смената од претседателот Франк-Валтер Штајнмаер. Како што е вообичаено, Штајнмаер ја задолжи владата во заминување да остане на функцијата додека не се избере нов канцелар.

ИЗДВОЕНИ