Во Даутпашинот амам, на 23 април, во 20 часот, Националната галерија на Македонија ќе ја отвори јубилејната изложба „90 години од раѓањето на Стефан Маневски (1934 – 1997)“.
-Местото што го зазема Стефан Маневски во македонската историја на уметноста се должи на неговиот исклучително индивидуален, автентичен и рафиниран однос кон скулпторскиот израз, кој следи една логична и нагорна развојна линија, особено нагласена во неговата продлабочена визија за трансформација на металот, материјал што за него нуди бескрајни експериментални можности низ кои ги преточува повеќеслојните естетски егзистенцијални доживувања на современиот свет, посочуваат од Националната галерија на Македонија.
Како што додаваат оттаму, одбележувањето на 90-годишнината од раѓањето на Маневски, еден од најинвентивните македонски скулптори, чие творештво е особено важно за еволуцијата на македонската скулптура, е во сообразност со задачата на Националната галерија да ги чува и презентира најсеопфатно можно достигнувањата на најзначајните македонски уметници земајќи ја предвид улогата што ја имале во создавањето и трасирањето на тековите на македонската модерна и современа уметност.
Куратори на изложбата се Маја Чанкуловска-Михајловска и Маја Неделкоска Брзанова. Изложбата е дел од програмските активности на Националната галерија за 2025 година, финансиски поддржанa од Министерството за култура и туризам.
Заинтересираните ќе можат да ја посетат три до четири недели по отворањето.