ЈП „Водовод и канализација“ со акции за расчистување на атмосферската канализација

94

Во текот на минатата недела, Скопје како и дел од останатите делови во државата и регионот, беа зафатени од силно невреме проследено со силен ветар, дожд и град, како резултат на кое Град Скопје и ЈП „Водовод и канализација“, се соочија со повеќе предизвици.

И покрај редовното чистење на сливниците и шахтите, кои се дел од атмосферската канализација, како и критичните точки во градот, како резултат на силното невреме се создадоа поголеми застои на вода на одредени локации во градот.

-Екипите на ЈП „Водовод и канализација“веднаш излегоа на терен и работеа на ослободување на критичните точки, се до создавање на услови за нормална и непречена функционалност на атмосферската канализација и нормално и непречено движење по коловозите и тротоарите – соопштија од претпријатието.

Од ЈП „Водовод и канализација“ информираат дека организирани во дежурни тимови остануваат на терен се додека не помине овој циклус на променлива временска прогноза проследена со силно невреме.