ЈП „Комунална хигиена“ ќе го исчисти сметот во Шуто Оризари, но и ќе ѝ достави фактура на Општината

251

Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ преку соопштение информираше дека ќе го отстрани сметот, но и, како што кажаа оттаму, срамот на градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш. Но, известија и дека ќе ѝ биде доставена фактура на Општина Шуто Оризари за ова.

Од претпријатието реагираа по објавата на Дудуш дека Општината тоне во смет, за што сподели и видео.

За видеото и за фотографиите што ги објави градоначалникот Курто Дудуш, од ЈП „Комунална хигиена“ велат дека се од контејнери и од локации за кои е одговорна Општината со која управува тој.

– Контејнерите што се во надлежност на „Комунална хигиена“ редовно се чистат и дезинфицираат, што, за жал, не е случај со општинските садови и со дивите локации во неговата општина на кои се фрла отпад – потенцираат од ЈП „Комунална хигиена“.

Дополнително, оттаму наведуваат дека го задолжиле Курто Дудуш со мандатна казна за формирање дива депонија на територијата на Општина Шуто Оризари и дека се во тек и други постапки поведени против него, за дела спротивни на законот, за кои се очекуваат разврски. Тоа, како што велат, всушност, е и причината за неговите однесување и напади кон Град Скопје и кон јавното претпријатие „Комунална хигиена“.

 

ИЗДВОЕНИ