Јовановиќ: Царините на Трамп за ЕУ и за Кина ќе значат трговска војна и забавување на глобалниот раст

27

Доколку се остварат најавите на американскиот претседател, Доналд Трамп, за царини за Кина и за Европа, според универзитетскиот професор од Виенскиот институт, Бранимир Јовановиќ, тоа ќе значи почеток на трговска војна, бидејќи веројатно е дека и Кина и Европската Унија ќе одговорат со слични мерки.

Тоа, како што вели Јовановиќ, ќе значи повисоки цени на увозните производи, помали увоз и извоз, повисока инфлација и пониска економска активност.

– Во колкава мера, ќе зависи од тоа до каде ќе одат работите, ама во некое благо сценарио, моделите покажуваат дека глобалниот раст би забавил за околу 0,3 процентни поени, а во полош случај, за цел поен. Со оглед на тоа што светскиот БДП е околу 110 трилиони долари, тоа значи дека цената на трговската војна би била помеѓу 350 и 1100 милијарди долари годишно – вели Јовановиќ.

Што се однесува до Македонија, главниот ефект би бил преку намалената економска активност во ЕУ, што ќе се одрази на македонскиот извоз. Во таков случај, Јовановиќ очекува забавување на економскиот раст, но не и рецесија.

– Со оглед на тоа што автомобилската индустрија, веројатно, прва би се нашла на удар на царините, а македонскиот извоз во ЕУ во голем обем е во оваа дејност, ефектите, веројатно, би биле нешто поголеми отколку за глобалниот раст. Но, сепак, не би очекувал да дојде до рецесија, поверојатно е дека растот би забавил за 0,5-1,5 процентен поен, односно наместо да расте БДП 3 проценти годишно, би растел 1,5-2,5 проценти – појаснува Јовановиќ.

Јовановиќ посочува дека Трамп долго време најавува дека ќе воведе царини и за ЕУ и за други држави, но вели дека според она што го прави во првите неколку дена, се чини дека ќе ги користи царините како средство за остварување други цели.

 

ИЗДВОЕНИ