Шпанецот Хорхе Мартин од Прамак Дукати е нов светски шампион во Мото ГП шампионатот, откако на последната трка сезонава, во Барселона, заврши трет, што беше доволно да ја одбрани својата прва позиција во генералниот пласман.

  • Од Дукати ми дадоа можност да влезам во Мото ГП, можеби на крајот не ја завршивме сезоната најдобро, затоа што не успеав да бидам дел од официјалниот (фабрички) тим, но тие ми дадоа добро оружје. Бев во можност да ги победам Пеко (Бањаја) и големиот Марк (Маркез) – изјави Хорхе Мартин по трката на патеката во Каталонија.

Барселона се вклучи во календарот како домаќин откако беше откажана Валенсија поради последиците од неодамнешните поплави.

Мартин пристигна во Барселона со 24 бода повеќе од бранителот на титулата, Италијанецот Франческо Бањаја. Сепак, со саботното славење на спринт-трката, Италијанецот ја намали разликата на 19 бода пред последниот чин од сезоната. Шпанецот и понатаму беше голем фаворит за освојување на титулата, бидејќи му беше доволно да заврши меѓу деветтемина најбрзи за севкупен триумф. На крајот беше трет, што беше доволно за големо славење.

  • Тоа беше долга трка, со многу подеми и падови. Во шок сум, понекогаш ми доаѓа да плачам, понекогаш да се смеам. Останувам без зборови. Тоа не беше лесен пат, сите знаеме од каде почнав, моите родители се бореа за да можам да го исполнам мојот сон, а тоа беше она што го постигнав денес. Вложив многу напор за од губитник да станам победник, без да се плашам од конкуренцијата – додаде емотивно Шпанецот по трката и освоената титула.

На Италијанецот не му помогна тоа што ја заврши трката без грешка. Најдобрата стартна позиција ја претвори во водство и победи без проблеми, но на крајот мораше да му честита на новиот шампион.

ИЗДВОЕНИ