„Иако денешното време не е погодно за културните дејци, бидејќи како  премалку да се обрнува внимание на културата и уметноста, јас сè уште творам, бидејќи целиот свој живот ме опкружуваше уметноста и музиката. Веќе ја изработивме со мојот син бистата на  д-р Александар Сингер, човекот кој ме зарази со уметноста и кој ми беше повеќе и од татко, биста која ќе ја донираме на општина Гевгелија“, вели уметникот Јордан Дане Јанев, кој бил и прво дете хармоникаш во Гевгелија, градот за кој вели дека е неговата основна движечка сила

 

Љубчо АЛЕКСОВСКИ

Седам во мутлакот (одајата) од куќата на неговиот прадедо во Гевгелија и ја слушам животната приказна на првиот дипломиран уметник во Гевгелија, Јордан Дане Јанев. Поводот е убав, 60 години од првата негова аматерска изложба во Скопје и 50 години од неговата прва самостојна изложба во Нови Сад, Република Србија.

Јордан Дане Јанев е роден на 27 мај 1948 во Гевгелија, каде што завршува основно и средно образование. Во Белград дипломира во 1972 година во академијата за применета уметност – отсек вајарство со монументална споменична скулптура и партерно и хортикултурно уредување. Во Македонија и Гевгелија својот работен ангажман го има како вајар, сликар, театарски сценограф, графички дизајнер, проектант на ентериери, идејни решенија и модели во индустријата, културата и спортот, музичар и колекционер на разни предмети од македонското историско минато. Член е и еден од основачите на Друштвото на ликовни уметници од Гевгелија, учесник на голем број самостојни и групни изложби и ликовни колонии во земјата и во странство. Основна движечка сила, како што вели, му е неговата голема љубов кон градот Гевгелија каде што и денес живее и сè уште твори заедно со својот син Александар и внуката Марија во „Ателје Јаневи“. Неодамна тие ја имаа и првата заедничка изложба во уметничката галерија „Амам“ во Гевгелија и Домот на културата во Богданци.

Исполнето детство

„Имав многу исполнето детство, покрај секојдневните детски игри, како малечок се заинтересирав за една работа која подоцна ми стана професија. Имено, како мал, го гледав мајсторот кој ни варосуваше дома, и се молев да му остане малку од гипсот, и јас како 8-годишно дете, остатокот од тој гипс, заедно со земјените молерски бои, го користев да изработам свои ‘уметнички дела’. Тоа што се однесува до мојот интерес за вајарството, а што се однесува за сликарството, во него се ‘вљубив’ гледајќи го онака од улица, мојот постар комшија, сликарот Димитар Гаспар, како слика во неговото ‘ателје’. Многу научив за сликарството од него, бидејќи тој беше белградски студент на истата академија за уметност на која јас подоцна се запишав. Тој инсистираше, по завршувањето на гимназијата, да конкурирам, и ме упати пред приемниот испит во сите тајни на сликарството“, ја започна својата приказна гевгелискиот уметник. Тој основното училиште го завршил во родниот град, а како што вели, детскиот живот му бил прилично бурен.

„Бев првото дете хармоникаш, кое заврши музички курс во Работничкото училиште кај учителот Перо Стратров. А, првата хармоника ја добив кога завршив четврто одделение, од доктор Сингер, човекот кој дојде како потстанар во нашата куќа во 1946 година и имаше амбуланта во куќата. Јас, буквално израснав покрај него, научив многу работи од него, правев преврски во неговата приватна амбуланта, а тој, гледајќи ме колку вешти раце имам, сакаше да станам хирург. Но, јас имав две желби што да студирам, или музика или ликовна уметност. Додека учев гимназија свирев со постари од мене, скришно на игранките кои тогаш се организираа, бидејќи само јас знаев да свирам по ноти, полки на хармоника. Го сакав и кларинетот, ги гледав познатите американски џезисти и им се восхитував. Исто така ја забележав и органата како инструмент и со помош на д-р Александар Сингер порачавме од Загреб електрична органа. Тоа беше првото електрично пијано со појачало кое го донесовме во Гевгелија. Со тој клавир, јас ја формирав првата поп-група во Гевгелија „Орфеј“. Покрај мене, во групата свиреа Томе Манчев, подоцна прославениот македонски композитор на гитара, Атанас Којков на бас и Јово Колев на гитара. Подоцна, со истиот електричен клавир, но со групата „Воденички камења“ бевме победници на Втората македонска гитаријада во Гевгелија“, се потсети Јанев на својата љубов кон музиката.

Во 1965 година, пак, тој учествувал на Аматерска ликовна изложба во Скопје и со своето дело ја освоил првата награда, што за него бил еден показател каков ќе му биде животниот пат.

Интерес за вајарството

„Освен музиката, ме заинтересира и вајарството во дрво. На една струмичка колонија, под јаворот во Дојран, забележав еден наивец кој изработуваше скулптура во ореово дрво. Тоа остави силен впечаток на мене, па затоа со мојот комшија Пенчо заминавме пеш за селото Ума, а потоа на мазга донесовме ореови трупци до мојот двор. Од нив јас изработив две скулптури кои ги чувам и ден-денес. Мислам дека тоа беше решавачкиот момент кога решив да студирам вајарство во Белград, по завршувањето на гимназијата. Уметникот Гаспар ме подготвуваше за тој приемен, велејќи да не одам во цртањето во детали, туку да ја обликувам само формата на фигурата. Така, од 450 кандидати од цела тогашна Југославија, мене ме примија. Кога отидов на отсекот вајарство, јас бев единствениот Македонец кој го учел занаетот кај Миодраг Живковиќ, еден од најпознатите и најплодни вајари на споменична скулптура во Југославија. Негови се монументалните споменици на Сутјеска, во Крагуевац, на Сремскиот фронт, Кадињача, но и во Италија и Чиле. Тој првпат на академијата воведе предмет споменична скулптура со партерно и хортикултурно уредување. Мојата дипломска работа во 1972 година беше уредувањето на средишниот простор на Домот на млади 25 мај во Скопје, кој тогаш беше во изградба. Направив идеен проект за фонтана со хортикултурно уредување, а првпат предвидував игра на водата со светлина и со музика, нешто што до тогаш не беше видено во Македонија. Иако тој проект никогаш не се изведе, јас сепак бев награден за иновативноста и оригиналноста“, се присетува Јанев.

Работа во родниот град

При крај на факултетот, тој се враќа во Гевгелија, и иако, како што вели, имал понуди да работи во повеќе градови во Југославија, па и во странство, тој останал да работи во својот роден град и да придонесува за збогатување на неговото културно живеење.

„Почнав да работам во Народниот театар во Гевгелија. Во театарот се запознав со актерот и режисер Мите Грозданов и јас како сценограф, тој како режисер направивме подоцна голем број театарски претстави, за кои јас како сценограф бев наградуван на театарските фестивали низ Македонија. Со него работев на претставите ‘Чорбаџи Теодос’, ‘Јама’, ‘Бумеранг’, ‘Власт’ и ‘Наследници’.

Една година по вработувањето во Народниот театар, во 1974, заминав на отслужување на воениот рок во Нови Сад. Бидејќи знаев да свирам, работев со оркестарот, ја запознав техниката на создавање на фотографија, од сликање до развивање, и тука се случи мојата голема прва изложба во Домот на ЈНА во Нови Сад. Изложив 20 слики на фигури, во голем формат, на тема музика и балет. После воениот рок продолжив да работам во Народниот театар сè до 1980 година. Тогаш беше мошне тешко да егзистираш и да заработуваш за живот само како уметник. Работев сешто, од сценографија до уредување на ентериери, меѓу кои и на тогаш една од најпопуларните дискотеки не само во Македонија, туку и во Југославија, диското ‘Банго’. Доаѓаа млади дури од Љубљана да го видат тоа ‘чудо’. Уредував ентериери и за познати скопски и гевгелиски кафулиња. Во 1980 се вработив во тогашниот Земјоделско-индустриски гигант ‘Винојуг’, како дизајнер на пропаганден материјал на производи кои тогаш беа мошне познати и барани на југословенскиот пазар“, раскажа за своето минато Јанев.

За создадените дела и… културата

Што се однесува до неговите вајарски дела и хортикултурното и партерно уредување, голем е списокот на сето она што тој го има изработено за Гевгелија. Уредување околу споменикот на Сава Михајлов, во центарот на градот, кој е дело на познатиот скулптор Димче Тодоровски, мал придонес за спасувањето на гевгелиската чаршија затоа што,  како студент, со своите  колеги одел од врата до врата со тетратка во која се потпишуваа сите оние кои мислеа дека чаршијата не треба да се уништи… Долг е списокот на изработени споменични обележја на народни херои од гевгелискиот крај, ги има над 25 кои се наоѓаат низ целата општина, изработени фонтани низ градот кои и ден-денес го облагородуваат просторот во градот на смоквите.

„Иако денешното време не е погодно за културните дејци, бидејќи како  премалку да се обрнува внимание на културата и уметноста, јас сè уште творам, бидејќи целиот мој живот ме опкружуваше уметноста и музиката. Веќе ја изработивме со мојот син бистата на  д-р Александар Сингер, човекот кој ме зарази со уметноста и кој ми беше повеќе и од татко, биста која ќе ја донираме на општина Гевгелија и која гордо ќе стои во дворот на Општата болница Гевгелија. Пред извесно време, благодарение на Жаклина Мучева, ми се оствари дамнешната желба да се приреди изложба за ликот и делото на д-р Сингер, човекот кој го преживеа холокаустот, дојде како лекар во Гевгелија и остана да живее и работи во неа сè до неговата смрт, за што пишуваше ВЕЧЕР. Изложбата беше во Музејот на холокаустот во Скопје. Она што за мене е голема сатисфакција е фактот што за оваа изложба добив медал за пријателство од Еврејската заедница во Македонија, медал кој значи дека каде и да одам низ светот, ако ми е потребна каква било помош, ќе ми биде пружена“, ќе рече за крај Јанев.

Тој е среќен човек, бидејќи неговиот живот е исполнет со создавање  уметнички дела, со музика и со собирање на стари предмети со кои Јордан го чува духот на едно поминато време, време кое сè уште живее во  неговите сеќавања.

ИЗДВОЕНИ