Македонската кошаркарска репрезентација со победа ги заврши евроквалификациите, но не успеа да се пласира на Евробаскетот наредната година. Нашата селекција беше поуспешна од селекцијата на Полска со 88:74, во СЦ „Кале“, во рамките на шестото коло од групната фаза.

Избраниците на Александар Јончевски беа во резултатска позитива во текот на целиот натпревар и на крајот сосема заслужено дојдоа до втората победа против еден од домаќините на големиот континентален собир.

  • Ова е важна победа, која, за жал, не можеме да ја прославиме со пласман на Европското првенство. Секако, можеме да жалиме за првиот меч со Естонија тука, но задоволен сум од тоа како реагиравме, како одигравме од првата до последната минута. Среќен сум што им се оддолживме на навивачите со победа. Реално, најтешко беше да се мотивираме по оној пораз во Талин, особено што имавме навистина огромна желба да ја добиеме Естонија. Имавме одлични 27-28 минути, но, за жал, не беа доволни да одговориме. Горд сум на моите играчи професионалци, голем дел од овие играчи се заедно подолг период, сите се свесни зошто се тука и успеавме заедно да се кренеме и да стигнеме до победата – изјави предводникот на селекцијата, Александар Јончевски.

На неговите зборови се надоврза Лејсон Зеќири. Јончевски нема дилема за неговите способности.

  • Селекторот имаше доверба во сите, веруваше во нас, сите бевме тука едни за други и сето тоа придонесе да се случи она што се случи на теренот – со колективна игра стигнавме до заслужена победа. Пресреќен сум за моите бројки, покажав дека можам да играм за оваа репрезентација, да дадам свој придонес за една голема победа. Верувам дека ако продолжиме со ваквите игри, пред нашата репрезентација е светла иднина – изјави Зеќири.

На крајот, нашата селекција ја заврши групната фаза со две победи против Полска, како и со четири порази, по два од Литванија и од Естонија.

ИЗДВОЕНИ