„Јон Вардар против галаксијата“ на фестивал во Буенос Аирес

17

„Јон Вардар против галаксијата“ е селектиран на еден од водечките фестивали за независен филм во светот – BAFICI (Buenos Aires Festival Internacional de Cine Independiente) 2025. Филмот ќе биде прикажан три пати пред фестивалската публика во Буенос Аирес, и тоа на 8, 10 и на 11 април.

Мануел Рамирез, познат аргентински филмски критичар, кој е еден од програмерите на BAFICI и работи за угледниот дневен весник „Пагина 12“, напиша за филмот: „Анимиран долгометражен филм од Македонија не е нешто што се гледа секој ден, но шармот на ‘Јон Вардар против галаксијата’ е далеку од тоа да биде само географски куриозитет. Оваа визуелна лудорија – со своите интергалактички авантури што наликуваат на халуцинација, откачени вонземјани и хумор со висока концентрација – се истакнува со своите рокерска дрскост и заразна комичност. Филмот е како црна дупка што го вовлекува гледачот во својот хаотичен универзум, каде што секое чудовиште е повик за бегство од нормалното и прослава на лудото и на необичното“.

Режисерот на филмот, Гоце Цветановски, рече дека многу го почитува фестивалот поради храброста да прикажува филмови што излегуваат од шаблоните.

– За нас, оваа селекција е како да испратиме балкански вселенски брод во срцето на Буенос Аирес. Горди сме што „Јон Вардар“ ќе има можност да се сретне со една отворена и љубопитна публика каква што е аргентинската – вели Цветановски.

Фестивалот BAFICI се смета за најголем и најважен фестивал на независниот филм во Латинска Америка. Годинава ќе се одржи по 26. пат. Познат е по својата поддршка на авторскиот филм и по отворањето нови хоризонти за независните продукции од целиот свет.

„Јон Вардар против галаксијата“ е првиот македонски долгометражен анимиран филм, а е поддржан од Агенцијата за филм.

ИЗДВОЕНИ