Сезонава стана нормално кошаркарот на Денвер, Никола Јокиќ, да постигнува трипл-дабл уште во третата четвртина. Овој пат, тоа го направи против Филаделфија, и тоа беше негов 13. таков настап по три одиграни четвртини од сезоната.
Пофални зборови за српскиот репрезентативец пристигнаа и од кошаркарката Кендис Паркер, некогаш голема ѕвезда во женската НБА-лига. Таа истакна дека Јокиќ ја игра најдобрата сезона во моментов и покрај тоа што има три МВП- награди изминатите неколку сезони.
Со оваа нејзина констатација се согласи и Србинот.
- Се чувствувам како да ја играм најдобрата кошарка во мојот живот. Како тим, не сме таму каде што треба да бидеме, што е, веројатно, добра работа. Затоа се обидуваме да најдеме ритам и да стигнеме таму каде што сакаме да бидеме. Обично имавме проблем со тоа што им недостигаа играчи на тимовите, не можевме да ја завршиме работата. Можеби, овој натпревар е првиот чекор кон тоа да станеме сериозни – изјави Јокиќ.
Инаку, Денвер извојува убедлива победа на домашен терен, против Филаделфија, во која Јокиќ го заврши мечот со 27 поени, 13 скока и со 10 асистенции.
До победа на домашен терен дојде и Торонто над Орландо со 109:93, како и Лос Анџелес лејкерс над Вашингтон со 111:88, додека како гости се радуваа Њујорк против Бруклин (99:95) и Портланд против Мајами (116:107).