Јавното обвинителство на Белград соопшти дека на пет лица им е одреден притвор до 48 часа поради сомнение за насилничко однесување на спортски настан или јавен собир, денеска пред зградата на градското собрание во Белград.
Како што соопштија од Вишото јавно обвинителство, мерка притвор до 48 часа им е одредена на Д.А., Д.Ј., С.М., Н.П. и И.В.
„Тие се осомничени дека ги удирале со тупаници и клоци службениците од обезбедувањето на Градското собрание, ги испрскале со бибер спреј и фрлале по нив со јајца и вреќи со црвена боја“, се додава во соопштението.
Во соопштението на веб-страницата на обвинителството се наведува и дека „овие лица извршиле и груби навреди и оштетиле имот“, како и дека „укажана е медицинска помош на осум лица од обезбедувањето“.
Иницијативата „Мостот останува“ претходно најави дека петмина нејзини активисти ќе бидат задржани во притвор од 48 часа, а во петок на 7 март ќе бидат на распит во обвинителството.
Во соопштението, оваа иницијатива им се заблагодари на белграѓани за поддршката и ги покани утре да се соберат во знак на поддршка пред Јавното обвинителство на улицата Савска во 11:00 часот.
Во соопштението од иницијативата „Мостот останува“ се додава дека нивните активисти биле нападнати пред апсењето.
Уапсени се иако биле нападнати со синџири и палки од приватно обезбедување“, и дека, како што тврдат, „полицијата не ги идентификувала, туку ѝ наредила на Брзата помош илегално да ги оддалечи од местото на настанот“, наведуваат оттаму.